Се сеќавате ли на аферата „Бачило“? Иснифарис Џемаили го загорчи животот на владата на СДСМ во 2006. Предизборната афера тежеше над 700 илјади евра исплатени на овчарот. Оттогаш „бачило“ ни стана единица мерка за корупција. Најголеми политички профитери од „бачило“ беа следбениците на „пастирот“. Токму затоа, по 5 години „преродба“, редно е да се запрашаме: Колку „бачила“ ни изградија „преродбениците“? Колкава национална штета ни направи „пастирот“?
И партиски заслепените војници прогледуваат: корупцијата станува се поголем проблем во Македонија. Честопати ме критикуваат дека многу критикувам, а малку нудам решенија. Еве едно предлог-решение: Македонија ќе има слабо фајде од некаква „влада во сенка“, ако притоа нема анти-корупциска комисија која ќе ги истражи и документира сите преродбенички „бачила“. Експертската комисија треба да направи проценка на настанатите штети, да подготви кривични пријави и, по можност, да го идентификува нелегално стекнатиот имот кој би можел да се конфискува.
Предлагам, заради ефикасност, антикорупциската комисија да биде составена од стручни тимови кои ќе ги документираат „бачилата“ во неколку категории:
1. Спортски „бачила“ - Колку „бачила“ крие „Арената Филип II“ (според владата - „инвестиција од околу 60 милиони евра“)? Колку „бачила“ таи проектот „Изградба на 100 тениски терени“ за богаташи (првично требаше да чини „четири до пет милиони евра“, а потоа „околу 8,5 милиони евра“)? Колку „бачила“ има во спортските сали (60 милиони евра), во фудбалските игралишта (7.7 милиони евра), во новите спортски терени (над 9 милиони евра), во деветте базени (30 милиони евра)...?
2. Медиумско-пропагандни „бачила“ – Колку „бачила“ отидоа за прескапите владини кампањи и огласи во медиумите? Колку „бачила“ се поарчија за корумпирање на медиумските газди и квази-патриотските мегафони? Колку „бачила“ се збираат преку арачот „радиодифузна такса“? Срамота – УЈП дере арач, а МРТВ е некадарен да обезбеди еден ТВ пренос од лузерската ни фудбалска репрезентација. Отсега, јас не сум МРТВ. Одбивам да плаќам пропагандно-дифузна такса.
3. Енергетски „бачила“ - Колку „бачила“ покриваат нетранспарентните тендери за увоз на скапа струја? Ако криминалот во РЕК „Битола“ е 10 „бачила“ (7 милиони евра), колку „бачила“ има во пропаднатите тендери за Чебрен и Галиште? Колку штета предизвикаа матните бизнис-зделки со ОКТА и задоцнетата гасификација?
4. Полициски „бачила“ – Колку ни украде МВР со преплатените пасоши по „итна“ постапка? Колку „бачила“ тежат сомнителните набавки на автомобили, панцири, маици, хеликоптери (кои се изнајмуваат за одење по невеста на свадба)? Колку „бачила“ се политички злоупотребени за прислушкување? Колку „бачила“ е штетата од илјадниците тужби против МВР за неисплата на законски надоместоци?
5. Земјоделско-еколошки „бачила“ – Колку тежат аферата „Сведмилк“ (со долг од 37 милиони евра) и пропаднатиот проект „Злетовица“ (вреден 80 милиони долари)? Колку „бачила“ има во партизираниот откуп на тутун, грозје, јаболка итн., и во селективното доделување земјиште и субвенции? Колку „бачила“ крие „Денот на дрвото“?
6. Образовни „бачила“ – Колку изедоа неуспешните проекти „Компјутер за секое дете“ и ,„Превод на 1000 стручни книги и учебници“ (чинат по неколку десетици милиони евра)? Колку милиони евра отидоа на „дисперзираните бачила“?
7. Административно-законодавни „бачила“ – Колку стотици „бачила“ е штетата од превработувањето партиски војници во јавната администрација и од незаконските трошења десетици милиони евра (утврдени во ревизорските извештаи)? Колку „бачила“ изнесува штетата од многуте прописи укинати од Уставен суд?
8. Здравствени „бачила“ – Колкава е штетата предизвикана од задоцнетата набавка на прескапи медицински апарати преку посредници?
9. „Скопје 2014“ - За ова преродбеничкото „мега-бачило“ ќе посветиме посебна колумна. Станува збор за „проект“ кој веројатно тежи најмалку 100 „бачила“.
10. Предизборни „бачила“- Колку потенцијални злоупотреби има во одлуката на владата да се задолжи и да потроши цели 220 милиони евра пред избори? Колку „бачила“ се кријат во лопатарските предизборни мисии, повеќекратните сечења ленти, предизборните врбтувања? Колкава штета предизвикуваат буџетски платените министри и административци кои во работно време си тераат партиска кампања?
Ако сака да ја заслужи довербата на огромниот број неопределени, опозицијата мора да покаже капацитет и волја за бескомпромисно расчистување на „преродбеничките бачила“. Успешната борба против „бачилата“ значи фер-судење на криминалците и конфискување на стотиците милиони евра незаконски стекнати средства.
Конфискуваните средства можат да послужат за борба против зголемената сиромаштија и за намалување на надворешниот долг. Замислете, од 2006 г. до денес „предобениците“ не задолжија околу 2 милијарди евра!
„Пастиру“, па не сме до толку „овци“. Каде се парите?
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26







