Четврток, 11 Февруари 2010 13:37
Петок, 05 Февруари 2010 15:43
Facebook групата “Скопје 2010, НЕ благодарам” организира: Спонтан собир против проектот Скопје 2014Локација: Остатокот од плоштад МакедонијаВреме: сабота, 06 февруари 2010 14:00Настан на Фејсбук: http://www.facebook.com/event.php?eid=289001378863&ref=mf
На почетокот беше само црква. И-или џамија. Додадоа уште пар коњаници, еден мост, лавој, неколку гемиџии и.... Скопје во 2014 со хируршки подигнати јагодици, а скапани заби во устата. Дали приметувате дека анимацијата на владата не го опфаќа оној дел кајшто е печатницата Гоце Делчев? ОД САНИТЕТСКИ ПРИЧИНИ... Дали приметувате дека ја игнорираат секоја наша интервенција, секој наш обид да кажеме дека НЕ Е ВО РЕД? Дали приметувате како си го силуваат Скопје на редовна база? Ги силуваат архитектите, не силуваат нас во градот, ја силуваат Битола, Крушево, Кавадарци, Охрид, Тетово, Гостивар, Струмица, Ресен... и тоа со стотици миљони евра наменети за патолошките интервенции на еден забеган забеган нецивилизиран свет. Затоа, да се собереме мирно и Спонтано на оној дел од плоштадот што во овој момент остана неокупиран, и спонтано да го искажеме своето незадоволство. Не сакаме исклучиво споменици на мажи од македонска националност, сакаме славење на жените, Албанците, партизаните и партизанките, културните работници, комитите, театарскит трупи и сите локални иницијативи што произлегле од разни краеви на нашата земја... сите му придонеле на нашето општество! Не сакаме нови мостови на Вардар, сакаме суштински да се поврзуваме со нашите сограѓани "од другата страна" Не сакаме неокласицистички фасади и антички колонади, не во 2014. Не сакаме ни барокни интервенции во просторот кој живее и се развива во 21 век! Не сакаме црква или џамија на плоштад Сакаме плоштад на плоштад! И мораме повторно да го покажеме тоа. оваа сабота, испијте го кафето порано, и дојдете да го одбраните својот град (а тоа не е само Скопје). Плоштад Македонија, 14:00 саатот
Петок, 22 Јануари 2010 09:28
Денеска, 22 јануари 2010 година, до Основниот суд Скопје I беше поднесена тужба против уредникот во весникот „Вечер“, Драган Павловиќ – Латас. Тужбата ја поднесоа оштетените Никола Гелевски, Бранко Героски, Владимир Милчин, Ивица Антески, Маја Бојаџиевска, Џабир Дерала, Лидија Димова, Гордана Дувњак, Ѓунер Исмаил, Жарко Јордановски, Ема Марковска Милчин, Ида Протуѓер, Билјана Секуловска и Ерол Ризаов, по повод наодите изнесени во написот „ Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“, објавен во „Вечер“ на 18 декември, 2009 година. Во тужбата се наведува дека во текстот во „Вечер“ се објавени невистини со цел да им се наштети на угледот и на честа на новинарите, интелектуалците и на претставниците на граѓанските здруженија што се споменуваат. Тужбата се поднесува против главниот и одговорен уредник Драган Павловиќ - Латас со оглед на тоа дека објавениот текст во „Вечер“ не е потпишан.
Вторник, 22 Декември 2009 12:33
Главниот и одговорен уредник на „Вечер“ Драган Павловиќ Латас, претендент на позицијата водечки погромаш во Република Македонија, уште еднаш го урниса својот весник на рамниште на политичка депонија кога на 18 декември објави непотпишан текст со небулозен наслов „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“. Непотпишаниот текст врие од лаги и инсинуации. Барајќи жртвени јарци и произведувајќи државни непријатели, „македонољубецот“ набрзина скрпил некаков список, небаре „Латасова листа“ на новинари кои, инсинуира тој, биле „платени да помогнат да помине грчкиот предлог за рушење на македонизмот“. Петнаесетте имиња на „платените новинари“, признава тој, ги нашол на сајтот на Сорос, проект Граѓани за европска Македонија. „Рушителите на македонизмот“ се објавиле со име и презиме на сајтот на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, во проектот Граѓани за европска Македонија?! А кои се, всушност, тие петнаесет „платени новинари“? Седуммина од нив не се новинари. А меѓу нив има и такви кои никогаш ниту напишале ниту кажале во некаков медиум нешто за спорот околу името. На Латас тоа не му е непознато, но тој безобѕирно лаже кога сака да ја постигне нормата, кога „штанца“ непријатели и поттикнува путинофилија затскриен зад божемното македонољубие. Граѓаните за европска Македонија организираа 24 дебати во 19 градови во Република Македонија. Шеснаесет воведничари и стотина дискутанти учествуваа во тие дебати. Во името на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и со полна кривична и материјална одговорност, јас, како извршен директор на ФИООМ тврдам дека ниту еден воведничар или дискутант не добил ни денар хонорар. Претпоставувам дека на Латас и неговите налогодавци ова може да им звучи неверојатно, но тоа е така! Членувањето во ГЕМ и учеството во активностите на ГЕМ е граѓанско, доброволно и не овозможува никакви приходи, редовни или повремени! Ова не го тврдам прв пат и ќе го повторувам секогаш кога ќе треба да се подзачистат отровните испарувања што ги шират депониите командувани од Латас. Значи, да подвлечеме црта под лагите и инсинуациите објавени во „Вечер“ на 18 декември 2009 година. Прво, половината од петнаесетмината „платени новинари“ не се новинари. Второ, ниту еден од нив не е платен! Тоа се фактите и тука не помагаат никакви латасовштини. Доколку петнаесеттемина граѓани одлучат да го тужат клеветникот, ФИООМ ќе им обезбеди правен застапник.
За Фондацијата Институт отворено општество – Македонија,
Владимир Милчин, Извршен директор
Понеделник, 14 Декември 2009 09:48
Учеството на еден скопјанец или скопјанка во процесот на носење одлуки кои ги менуваат ликот и содржината на Скопје очигледно функционира поинаку кај нас, во нашата демократија! Тоа зависи од некомуникацијата помеѓу надлежните, законските недоискажаности, како и недруштвеноста на г-динот Владимир Здравев, тромоста на г-динот Маневски, и духовитоста на г-динот Тодоровиќ. Општинските советници изгласани од граѓаните на Oпштина Центар како да не постојат!
Институционалното попречување на нашата иницијатива за референдум е само дел од системски диригираното задушување на поинаквиот став, кое се демонстрираше и со натрапничко однесување на нашите трибини, игнорирањето на нашите апели за јавна дебата, насилниот прекин на протестот на Плоштад Македонија, игнорирањето на анкетите на јавно мислење и на потписите собрани за започнување на граѓанска иницијатива.
Поднесувавме барања, праќавме писма, пеевме песни, дебатиравме, нè навредуваа, нè маткаа по шалтери и разни канцеларии. Бевме трпеливи и соработливи, направивме сè што побараа, сè што „според законот“ сме требале да го направиме. Ги прифаќавме сите новонастанати услови во процесот и ги исполнувавме навреме. Конечно, Претседателот на Советот на Oпштина Центар, лично ја прифати иницијативата, иако тој, според законот, требал да закаже седница на Советот! А секако дека Министерството за правда не го прифаќа нашето барање без заклучок од несудената седница...
Граѓаните на неброени начини го искажаа своето незадоволство од одлуката за изградба на црква и џамија на плоштадот Македонија, а нивните гласови останаа игнорирани. Дотолку повеќе, се искористија да се обележат и демонизираат иницијаторите, поради нивните ставови. И тоа не е најстрашниот дел! Симптоматичен е начинот на кој активистите „се стимулираат“ да се откажат од иницијативата: со прекршочни пријави, лични закани, јавна осуда, дури и физичка сила пред очите и пендраците на полицијата.
Повиканите на ниеден начин не се почувствуваа повикани да поддржат иницијатива која ќе овозможи нашиот став конечно да добие и своја институционална форма – граѓаните на референдум да се изјаснат дали сакаат цркви, џамии и други верски објекти на главниот плоштад во нивниот град. Добивме рок, но не и упатства, услови, простории и поддршка. Добивме лаги, невкус и осуда, но не и право на нашиот град. Затоа, притисокот нема да престане. Ставот постојано ќе добива нови форми, но содржината ќе остане иста. Ќе се санкционира игнорантното и репресивно однесување кое нè кочи, но не и заплашува!
Овој пат нè одвратија од намерата да практикуваме демократија тука, непосредно меѓу нас. Иако институциите се должни да им помогнат на граѓаните во практикувањето демократија, тие сепак не направија ништо. Едноставно нè натераа да се повлечеме од идејата дека како граѓани, независно, можеме да иницираме референдум. Но борбата не престанува, иако понекогаш изгледа невозоможно да се победи. Ќе најдеме нови начини како да се спротивставиме и ќе продолжиме.
Вторник, 01 Декември 2009 14:27
РАСТРОЈСТВОТО НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ УСТРОЈСТВО!Одново зачестија вербалните напади врз оние кои јавно изнесуваат политички идеи различни од политиките на власта. Ова станува хронично и загрижувачко. Секое струполување на македонските позиции на меѓународен план актуелната власт се обидува да го амортизира однатре поттикнувајќи лов на вештерки, предавници и внатрешни непријатели. Пред две недели, владејачката партија на еден докрај небулозен начин жигоса неколкумина граѓани, главно од граѓанскиот сектор, обвинувајќи ги дека биле „на платниот список“ на некогашниот претседател и сегашен водач на опозицијата. Неколку дена потоа, „еден од столбовите на македонската држава“ (како што актуелната власт сака да ја гледа МПц), архиепископот Стефан, ги нападна граѓаните кои се противставуваат на изградбата на верски објекти на скопскиот плоштад етикетирајќи ги како „егзарси“ и „анкетари“ кои работат за нечии туѓи интереси. Пред три недели, еден од најбруталните извршители на режимот, уредник на телевизија и весник, со невиден простотилак и агресивност им се нафрли (во прв ред како на „педери“) на тројца активисти од невладиниот сектор, со своето бладање кршејќи ги сите можни етички и професионални норми. На истата телевизија, луѓето кои мислат спротивно од власта беа наречени „квазиинтелектуалци, платени новинари, сепаратисти, платеници на разни служби, обесправени албанци“... а „совесните интелектуалци, добрите новинари, лојалните албанци и невладините организации кои имаат државотворен капацитет“ беа повикани да им се противстават на првите. Целиот документ на македонски јазик (.pdf) Целиот документ на албански јазик (.pdf) Целиот документ на англиски јазик (.pdf)
Петок, 20 Ноември 2009 10:28
АКЦИЈА НАМЕСТО КОНФОРМИЗАМ И АПАТИЈА Денеска, 19 ноември 2009 година, во Скопје, во организација на граѓанската иницијатива „Граѓани за Eвропска Македонија“, се одржа дебатата „Притисоците врз слободата на изразување“. На дебатата на која учествуваа новинари, аналитичари и граѓански активисти се дискутираше за актуелните состојби во македонската медиумска сцена, за притисоците врз остварување на правото на слободно изразување и за се почестото користење на говорот на омраза. Учесниците нагласија дека и медиумите и новинарите се под константен притисок од политичарите и дека владините реклами се дел од процесот кој ги корумпира медиумите. Генерално, новинарите или одбиваат да ја прифатат реалноста, па молчат, или свесно стануваат политички агитатори. Во вакви услови, во медиумите постои цензура, а кај новинарите владее автоцензура. За дел од учесниците на дебатата, во моментов, македонското новинарство е „мртво море“ со кое владее ПР-пропагандата.  Претставниците од македонската граѓанска сцена сметаат дека граѓанскиот активизам е стерилизиран благодарение на владеечкиот демо-христијански конзервативизам, капитализмот, консумеризмот и остатоците од комунизмот. Етикетирањето и нескриениот говор на омразата, за чие што користење во Македонија не постои соодветна законска регулатива, се оружјето кое власта ги користи за замолчување на новинарите и граѓаните. Граѓанскиот сектор и медиумите не смеат повеќе да се ограничуваат на реакција, туку треба отворено да прозборат и да се борат против методите на замолчување. На дебатата беше најавено и изготвувањето на тн. „Црна книга на срамот“ во која ќе се забележат сите јавни изблици на тоталитаризам, вербално насилство, говор на омраза и сл.
Вторник, 17 Ноември 2009 15:45
Почитувани, На 12.11.2009 Претседателот на Советот на општина Центар нè извести дека ја прифаќа нашата предлог иницијатива и дека собирањето на потребните 20% потписи од полнолетни жители на Oпштина Центар започнува истиот ден. При тоа Претседателот на Советот, намерно или ненамерно, не наведува пред кој државен орган треба да се собираат потписите, каде, односно во чии простории и кога. Вчера, на 16.11.2009 во подрачната единица на Министерството за правда во Општина Центар, немаше отворен образец за собирање потписи за распишување задолжителен рефрендум на кој граѓанките и граѓаните би го кажале својот став за градењето верски објекти на Плоштадот Македонија. Ние како иницијатори, неколку пати до сега укажувавме дека во вакви услови е теоретски и практично невозможно да се спроведе една ваква граѓанска иницијатива:
- Ни потрошија 6 од 30 дена за собирање потписи заради нивната неажурност и некоординираност. Веќе е јасно дека со недавањето соодветни и навремени информации намерно ја саботираат оваа иницијатива бидејќи се плашат од исходот;
- Институциите навремено да си ја завршеа работата и да го префрлеа избирачкиот список во ДИК сега немаше да дискутираме за простории, време и фер услови за спроведување граѓански иницијативи. Жртва сме (граѓанската иницијатива) на маѓепсан триаголник на неодговорноста меѓу ДИК, Министерство за правда и Советот на Oпштина Центар. Граѓаните не се должни да ги координираат институциите, а најчесто се изложени на озлогласената административна стратегија пинг-понг од шалтер до шалтер;
- Физички е невозможно во 30 дена од кои само 20 работни, во работно време да се соберат 8.800 потписи. Во Македонија е полесно да се соберат потписи за државен референдум и за кандидатура за претседател отколку за локален референдум. Законот за референдум не само што е лошо напишан (нејасен, недовршен, нелогичен, неусогласен со други закони, неусогласеност на локално и национално ниво) тој е и тешко применлив и целосно зависи од вољата на администрацијата
- ВМРО-НП имаат 3 месеци и 33 канцеларии за собирање 10.000 потписи, Министерот за правда преку телевизии ги информира за процедурата и се потпишуваат без лични карти;
- Доколку Советот го следеше автентичното толкување за собирање на иницијалните 100 потписи за Предлог иницијатива на државно ниво, го прашуваме зошто не ја следи практиката на спроведување на иницијативи на државно ниво во делот на обезбедување услови за собирање потписи пред да започне самото официјално собирање на потписи?
- Во Македонија може да функционираат само октроирани референдуми. Кога Премиерот сака референдум - си го добива, кога граѓаните сакаат - тогаш не може. Повторно се зависи од партиската воља;
Бараме институциите да ни излезат во пресрет и да отворат повеќе собирни пунктови во урбаните заедници низ општината кои ќе работат после 16 часот, исто така бараме рокот од 30 дена да се брои почнувајќи од денот кога ќе бидат обезбедени сите услови, сè со цел остварување на фундаменталното демократско право за учество на граѓаните во донесувањето на одлуките.Со почит, Плоштад Слобода Граѓани за Европска Македонија
Вторник, 10 Ноември 2009 12:15
 Проевропската ориентација е најпатриотската опција за Македонија. Ова е еден од заклучоците на минатонеделната трибина, која во организација на граѓанската иницијатива „Граѓани за Eвропска Македонија“, се одржа во Велес, на 6 ноември 2009 година. Бранко Героски, Мерсел Биљали, Никола Гелевски, Владимир Милчин, Жарко Трајаноски и Роберто Беличанец на трибината разговараа со велешани за предизвиците кои ја очекуваат Република Македонија пред декемвриската одлука на Советот на министри на ЕУ.
Повеќе...
Среда, 04 Ноември 2009 09:29
На 29ти Октомври во културниот центар Точка се одржа промоција на наградените графички решенија од конкурсот за разгледници од Скопје, кој го распиша ОКНО во сораборка со ФИООМ. На конкурсот учествуваа 21 автор со над 70 графички решенија со мотив плоштад “Македонија”. Во оваа прилика ви ги претставуваме шестте наградени труда, а останатите можете да ги погледнете на online галеријата на Окно
Вторник, 03 Ноември 2009 10:10
Македонија нема сила за уште едно НЕ

Со идеја да ги поттикнат граѓаните да демонстрираат нагласено критичко мислење и да конституираат жесток демократски притисок врз Владата, а се со цел побрзо да влеземе во Европската унија, граѓанската иницијатива „Граѓани за Eвропска Македонија“, минатата недела, на 30 октомври 2009 година, во салата на општина Тетово, организираше трибина на која се разговараше за предизвиците на Република Македонија, пред декемвриската одлука на Советот на министри на ЕУ, за датумот за почеток на преговори.
Повеќе...
Вторник, 20 Октомври 2009 09:01
Иницијативата Граѓани за европска Македонија ја поздравува препораката на Европската комисија Република Македонија да ги почне пристапните преговори за членство во Европската Унија. Четири години по добивањето на кандидатскиот статус во 2005 година – долги четири години бавен напредок, самоизолација и авантуристичка потрагата по алтернативни патишта за магистралата што води кон Европа - нашите европски пријатели одлучија на Владата во Скопје да и дадат нов, силен поттик да ги исполни последните обврски, пред финалната политичка одлука на Советот на министри на ЕУ дали уште сега, во декември, ќе го определи датумот за почеток на преговорите. Без таква одлука, за жал, препораката на Европска комисија ќе остане само еден получекор, една несомнено значајна секвенца од нашата понова историја, која ќе не потсетува на пропуштената историска шанса.
Повеќе...
Петок, 16 Октомври 2009 15:28
Драги пријатели, Конечно ги пребродивме правните лавиринти и од идната недела одново почнуваме со собирањето на иницијалните 100 потписи за иницијативата за референдум за верските објекти на Плоштад Македонија. Би сакале да ве известиме дека вашиот потпис, доколку сте жители на општина Центар, можете да го дадете секој работен ден од следниот понеделник, 19-ти Октомври во подрачната единица на Министерството за Правда во Општина Центар (види мапа) од 8.30 до 16.30 часот. Срдечен поздрав, Плоштад Слобода Граѓани за Европска Македонија 
Петок, 02 Октомври 2009 13:39
СТОП за етнона(р)цизмот и националистичкиот говор на омраза!
ГЕМ најостро ја осудува инволвираноста на власта во етноцентричниот проект „Македонска енциклопедија“ кој предизвика вистинско цунами во меѓуетничките односи во Македонија. ГЕМ бара од сите надлежни институции да преземат решителни мерки за запирање на етничкиот конфликт кој беше предизвикан со политичката промоција на „Македонската енциклопедија“ од страна на премиерот Никола Груевски, кој ја промовираше „објективната“ енциклопедија како придонес кон „вистината за нас во минатото“. ГЕМ најостро го осудува обидот на премиерот да се амнестира од скандалот со енциклопедијата, да ја префрли целата одговорност на МАНУ и дури да ја замајува јавноста покажувајќи со прст кон некакви „мрачни сили“. Ако Владата немала намера да се меша во науката, тогаш не е јасно зошто Никола Груевски прво даваше политички оценки на промоцијата на „Македонската енциклопедија“, а потоа се правдаше - „не сум бил ниту прашан, ниту сум учествувал“? Особено загрижува фактот што обидот за себеамнестирање на Груевски беше проследен со говор на омраза кон критичарите на „Македонската енциклопедија“ од страна на провладините новинари кои, бранејќи ги дискриминаторските одредници од енциклопедијата, отворено почнаа да прашуваат „каква изгледна опција за нас Македонците се ЕУ и НАТО“. ГЕМ го осудува лицемерието на коалициските партнери Груевски-Ахмети, кои најпрвин активно учествуваа во потпалувањето на националистичкиот пожар, потоа трпеливо чекаа две седмици да се рашири говорот на омраза и етничката и верската нетрпеливост, а сега глумат пожарникари и миротворци, божем искрено загрижени за меѓуетничката кохабитација и евроатланските перспективи на Македонија. ГЕМ потсетува дека потфрлањето на институциите на системот во одбраната на мултиетничкиот соживот во Македонија од „спонтаните“ насилници во Струга, Нерези и на скопскиот плоштад ги охрабри пироманите неказнето да продолжат со говорот на омраза чија ескалација претставува закана за опстанокот на Републиката. ГЕМ бара од Комитетот за односи меѓу заедниците да одржи итна седница и да ја утврди одговорноста на сите актери кои (со активност или пасивност) не само што го загрозија „развојот на мултикултурната и мултиетничката димензија на македонското општество“ туку ја доведоа Македонија до работ на бездната.
Скопје, 1 октомври 2009 година Граѓани за европска Македонија
Соопштението на албански јазик (.pdf 110kb)
Петок, 04 Септември 2009 16:00
Советниците во Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП и НСДП вчера, 3 септември 2009, ја суспендираа волјата на 619 граѓани од општината за да се распише референдум за изградба на верски објекти на плоштадот Македонија. Тоа го направија арогантно, без аргументи и без добра волја да им се излезе во пресрет на граѓаните од нивната општина кои сакаат да си го искористат своето демократско право да влијаат врз одлуките на општината.
Повеќе...
Четврток, 20 Август 2009 13:52
 „Плоштад Слобода“ и „Граѓани за Европска Македонија“ во изминатите денови собраа 619 потписи од граѓани од Општина Центар и 440 потписи од граѓани од останатите општини за започнување на постапка за референдум за верски објекти на плоштадот Македонија во Скопје. Денес, тие ги предадоа потписите до Советот на oпштина Центар со што и формално може да започне процедурата во Советот на oпштината кој има надлежност да одлучи дали самиот директно ќе распише референдум или ќе отвори пунктови за собирање на 8.800 (20% од вкупниот број полнолетни граѓани во општината) потписи потребни за задолжително распишување на референдум во oпштината.
Повеќе...
Вторник, 18 Август 2009 13:24
PUBLIC ANNOUNCEMENT
We strongly condemn the bully rampage in Nerezi by the football fan mob (part of the "Komiti" group) and lack of appropriate measures by the police to prevent the violence and end the spiral of violence.
These incidents provide another proof for the claim of Citizen for European Macedonia that Macedonia has become a bully state. The police again failed to prevent the assault of the bullies (just like it failed to prevent the violence at the debate in Struga and the rampage of the mob that "spontaneously" gathered on the main square in Skopje). The Minister of Internal Affairs again tried to shift responsibility and to minimize the mob's rampage, and the Prime Minister amnestied the Ministry of Interior (MOI) and stated that after reading the police report he will estimate if the incident involved interethnic conflict. Attempts to present the victims of the violence as a guilty party are also worrisome.
Citizens for European Macedonia remind the MOI that singing of "patriotic songs" which can be found on the Komiti website is an act of inciting ethnic hatred, discord and intolerance – a criminal offence (which has not been sanctioned so far).
We ask that MOI identify and arrest the persons who incited ethnic hatred, discord and intolerance, and to identify and arrest the perpetrators of the criminal offences "participation in a mob committing a crime" (the leaders and the participants), and "participation in a mob which prevents an officer of the law to perform his official duties," while we ask the Prime Minister Gruevski to order commencement of measures which would determine political, personal and command responsibility for the failure to prevent the violence, to put an end to the spiral of violence, and to protect the human rights of the citizens of Nerezi and other citizens who suffered injuries during the violent incidents.
Politicking, avoiding responsibility and minimizing only serve to open space for further incidents and to increase the burden of responsibility for the authorities.
Вторник, 18 Август 2009 12:17
English version: Ignoring the violence leads to more violence!
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
Најостро го осудуваме силеџиското дивеење во Нерези од страна на навивачката толпа (дел од групата „Комити“) и непреземањето на соодветни мерки од страна на полицијата за спречување на насилството и за прекинување на спиралата на насилството.
За жал, уште еднаш се потврди констатацијата на Граѓаните за Европска Македонија дека Македонија стана силеџиска држава. Полицијата повторно не го спречи дивеењето на силеџиите (како што не го спречи насилството на трибината во Струга, и силеџиското дивеење на „спонтано“ насобраната толпа на скопскиот плоштад). Министерката за внатрешни работи повторно се обиде да ја префрли одговорноста и да го минимизира дивеењето на толпата, а Премиерот го амнестира МВР и изјави дека врз база на полицискиот извештај ќе процени дали се работи за меѓуетнички конфликт. Загрижуваат и обидите жртвите на насилството да се претстават како виновници.
ГЕМ го потсетува МВР дека пеењето „патриотски песни“ какви што може да се најдат на веб-страницата на комитите претставува чин на предизвикување национална омраза, раздор и нетрпеливост што претставува кривично дело (кое досега воопшто не е санкционирано).
Бараме од МВР да ги идентификува и уапси предизвикувачите на национална омраза, раздор и нетрпеливост, да ги идентификува и уапси сторителите на кривичните дела „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ (водачите и учесниците) и „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“, а од премиерот Груевски бараме да нареди преземање мерки за утврдување на политичка, лична и командна одговорност за неуспехот да се спречи насилството, да се прекине спиралата на насилството, и да се заштитат човековите права на граѓаните од Нерези и другите повредени граѓани за време на насилните инциденти.
Политиканството, тактизирањето и минимизирањето само отвораат простор за нови инциденти и ја зголемуваат одговорноста на власта.
Среда, 12 Август 2009 10:26
Почитувани граѓани од општина Центар,
Ве известуваме дека неформалните здруженија Граѓани за Европска Македонија и Плоштад Слобода ги собраа потребните 100 потписи на полнолетни жители на скопската општина Центар за граѓанската инициајтива за распишување референцум на кој жителите на оваа општина ќе се изјаснат дали се за или против изградба на црква, џамија и други верски објекти на плоштадот Македонија.
Иницијативата ќе биде поднесена до Советот на општина Центар најдоцна до 20 август, веднаш по враќањето на советниците од годишните одмори, во очекување Советот да одговори во законскиот рок.
И вие можете да ја поддржите иницијативата со својот потпис, почнувајќи од среда 12 август на следниве пунктови:
- Културен центар Точка, секој работен ден и в сабота од 10 до 17 часот
- Плоштад Македонија, секој работен ден од 18 до 21 часот
- Кај фонтаната во Градски парк, в сабота и в недела, 16 и 17 август, од 10 до 14 часот.
Граѓани за Европска Македонија и Плоштад Слобода
Повеќе за иницијативата и за локациите за поддршка (.pdf 1.4MB)
Петок, 07 Август 2009 12:07
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ
Почитувани,
“Плоштад Слобода” и “Граѓани за Европска Македонија” нарачаa теренско истражување на јавното мислење во однос на изградбата на верски објекти на плоштадот Македонија кое го спроведе “Брима Галуп”, со финансиска поддршка на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ). Истражувањето беше спроведено во периодот помеѓу 20-ти и 22-ри Јули врз репрезентативен примерок од 500 луѓе од Општина Центар со +/- 4% маргина на грешка. Според него, дури 70% од граѓаните во општината се против изградбата на било каков верски објект на централниот скопски плоштад, а дури 74% се против подарувањето на земјиштето на МПЦ и ИВЗ. Имајќи ги предвид овие податоци, двете здруженија се одлучија да покренат иницијатива за спроведување на референдум меѓу граѓаните на Општина Центар на кој тие самите ќе одлучат дали сакаат цркви, џамии и теќиња на плоштадот Македонија.
За таа цел, во наредните неколку дена ќе започнеме постапка за собирање на 8.800 потписи (20% од вкупниот број полнолетни граѓани во општината) потребни за задолжително распишување на референдум во општината Центар.
“Плоштад Слобода” и “Граѓани за Европска Македонија” ги повикуваат сите здруженија на граѓани, неформални групи и индивидуалци да им се придружат во собирањето на потписите и да ги поддржат во подоцнежните напори да ги убедат граѓаните на Општина Центар да гласаат “против” на референдумското прашање.
Плоштад Слобода Граѓани за Европска Македонијa
Резултатите од истражувањето можат да се превземат овде (.pdf 1.7MB) Граѓаните/жители на општина Центар кои сакаат да дадат поддршка на оваа иницијатива тоа можат да го направат во деновите петок, сабота и недела (07, 08 и 09 август 2009) во просториите на Културен центар Точка (локација бул. Климент Охридски 15, Скопје, во блокот зад седиштето на МПЦ, спроти седиштето на Здружение на новинари) во период 19.00 - 21.00 часот.
Огласот на настанот во медиумите можете да го видите на линковите подолу:
|
|