Извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин, на прес-конференцијата одржана на 25 јули 2011 година, во клубот ГЕМ, категорично ги отфрли информациите објавени во медиумите дека бил соработник на тајните служби во поранешна Југославија. Во прилог на демантот Милчин ги обелодени документите добиени од Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК) во 2000 година, со кои се потврдува дека извршниот директор на ФООМ бил предмет на обработка на тајните служби, дека во ДБК има „лично досие од политички и идеолошки причини“ и се констатира дека „немал никаков однос со органите за внатрешни работи“. Едновремено, Милчин потврди дека во 2000 година, во согласност со Законот за увид во личните досиеја и законската процедура, го подигнал своето досие, од кое јасно и недвосмилено се потврдува дека бил долгогодишна жртва на прогон и дека се до јули 1987 година постојано бил следен и прислушуван.
Милчин истакна дека овој напад не е само со цел тој лично да биде дискредитиран, туку дека станува збор за политички линч со крајна цел – дискредитација на ФООМ како еден од малкуте истрајни бранители на демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија. Според него, Комисијата за верификација на фактите сериозно го прекршила правото и процедурата бидејќи, иако е со Закон обврзана да го штити достоинството на лицата кои се предмет на верификација, таа во овој случај тоа не го направила. Во исто време, Милчин потсети и на фактот дека Томе Аџиев незаконски настапува во јавноста како претседател на Комисијата, зашто неговиот мандат е истечен уште во февруари 2011 година, а не е ниту предложен за нов претседател.
На прашањето, зошто бил против актуелниот Закон за лустрација, Милчин одговори дека во Македонија не постојат услови за соодветен процес на лустрација и дека ваквиот закон ќе направи поголема штета отколку корист. Со овој Закон, рече Милчин, „жртвите одново стануваат жртви“, а власта лустрацијата ја користи за политичка пресметка со неистомислениците.
На крајот, Милчин најави дека во согласност со законите ќе го објави своето досие (со исклучок на приватните разговори со неговите родители), бидејќи тоа е единствениот начин за борба против политичкиот линч, пропагандата и манипулацијата.
Во текот на денот ќе биде додадена целосната снимка од конференцијата, како и електронски копии од релевантните документи.
Преземете ја електронската документација со релевантни документи (.pdf)
| Коментари |
|




