Политичка злоупотреба и хајка против неистомислениците. Вака беше окарактеризиран процесот на лустрација, на дебатата „Злоупотреба на лустрацијата“ одржана на 11-ти август во ГЕМ клубот, а чиј модератор беше Жарко Трајаноски.
Прв дел
Во почетното излагање, предлагачот на Законот за лустрација Стојан Андов, ги објаснуваше мотивите за имплементација на процесот на лустрација. Според Андов за време на создавањето на Законот, кај него постоела одредена загриженост за можна злоупотреба на процесот на лустрација во институциите каде што се чуваат документите (можност за додавање или бришење на одредени факти) како и можноста за злоупотреба во Комисијата за верификација на факти, односно дискредитација на одредени личности. За Андов индикативно е тоа што верификацијата на фактите се носи со гласање, со што директно се нарушува непартискиот концепт на лустрацијата.
Објаснувајќи го функционирањето на службите во СФРЈ, но и во независна Македонија, Фросина Ременски од Факултетот за безбедност, отвори низа сомневања со кои се доведува во прашање целиот процес на лустрација. Ременски под прашање ја доведе стручноста на лицата кои се во Комисијата за верификација и нивното непознавање за тоа како функционираат службите и по која методолигија може да се утврди дали некое лице бил нивни соработник. Според неа, постојат 15 документи со кои може со сигурност да се утврди соработка со службите. Од тие 15 документи, особено се битни четири и тоа: Предлог за ангажирање; Извештај за ангажирањето; Интересот на ангажираното лице и на крајот Образец за анализа на соработничкиот однос“ потенцираше Ременски, додавајќи дека членовите на Комисијата мора да минат низ одредени обуки.
„Опасно е да се носат вакви закони бидејќи кај нас се е партизирано, а граѓаните воопшто не им веруваат на институциите.“ заклучи Ким Мехмети додавајќи дека е неприфатлив начинот на кој се води хајка против непријателите на власта. Според Мехмети, народот единствено верува во партиите, и мора да му се објасни дека државата и нејзиниот систем се уште се градат.
Во дебатниот дел учество зедоа и Владимир Милчин, Бранко Героски, Гордан Калајџиев, Роберто Беличанец. Според нив процесот на лустрација се води селективно и безмалку незаконски, во лош период во кој сите инструменти на системот се длабоко партизирани.