Сојузот на борците, поддржан од неколку организации, меѓу кои и „Ленка“, „Плоштад слобода“, „Граѓани за европска Македонија“, во градскиот парк во Скопје го одбележа големиот јубилеј, 70 години од почетокот на антифашистичката борба на македонскиот народ. Собирот се одржа под мотото „Фашизмот и денес не е мртов! Борбата продолжува!“.
Никола Наумоски од „Плоштад слобода“ истакна дека тие се против сите деривати на фашизмот кои се случуваат во Македонија, особено национализмот и неговите манифестации.
Хакати Исмаил од „Ленка“ истакна: За нас антифашистичката борба не е само чин од минатото туку борба која и понатаму трае, заложба за антинационализмот и антикапитализмот.
На настанот во градскиот парк се делеа печатени материјали, имаше проекција на видео и аудио содржини, а се одржа и едукативно предавање од професор д-р Ирена Стефоска која борците од НОБ ги опиша како млади, прогресивни луѓе, хуманисти и комунисти кои влегле во виорот на војната по цена на своите животи.
„Четири години водевме крвава борба и не оштетивме ниту еден сакрален, религиозен објект или споменик. Скоро секој ден се случува по еден споменик да е обезглавен“, рече претседателот на Сојузот на борците, Тодор Атанасовски.
Во градскиот парк претставници на младинските организации поставија штандови, каде што сите заинтересирани граѓани можеа да го дадат својот потпис за поддршка на борбата за правда, демократија и еднаквост на сите граѓани во општеството. Беше промовирано и специјалното издание на Окно по повод 11 октомври 2011 година, насловено како „70 години антифашизам“ кое можете да го видите на http://okno.mk/sites/default/files/063-70-godini-antifasizam.pdf.
| Коментари |
|




