Започнувајќи ја дебатата, модераторот Мерсел Биљали истакна дека Македонија со процесот во Хаг изгуби повеќе од три години за да го докаже она што целиот свет го знае. Според Биљали, пресудата никако не смее да биде замена за нашиот неуспех во големите институции, и дека интеграцијата во ЕУ и НАТО мора да продолжи.Идните можности за искористување на пресудата ги образложи професорот на Правниот факултет, Љубомир Фрчкоски. Според него, постојат неколку можности за извршување на пресудата, а тоа се или поставување на проблемот пред Советот за безбедност, што досега се нема случено, или пак повторна тужба пред Судот во Хаг. Фрчкоски исто така подвлече дека власта сега ја слави референцата БЈРМ и дека понатамошна интеграција во НАТО и ЕУ под БЈРМ, би била чекор напред кон зачувување на уставното име на Македонија, бидејќи тогаш Македонија би била во еднаква позиција со Грција.
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, јавно запраша доколку сега Македонија треба да влезе во ЕУ и НАТО под референцата БЈРМ, зошто Владата тоа не го направила пред четири години. За Георгиевски јасна била пораката која доаѓа од Брисел, а тоа е поголема конструктивност, и целосно решавање на проблемот со името. Георгиевски ја повика Владата на поголема иницијативност за да ја искористи преодната Влада во Грција за решавање на спорот.За разлика од останатите, поранешниот министер за надворешни работи Александар Димитров, имаше поинаков став. Според Димитров, пресудата нема да доживее некоја посериозна понатамошна процедура, а нема да биде ниту чекор напред кон ЕУ и НАТО. Димитров истакна дека не е убеден дека власта е искрена кон Евро-атлантските интеграции, туку напротив, власта иницира и подржува анти-западно расположение. Димитров потенцираше дека тој лично не е оптимист дека пресудата ќе донесе некое решение во спорот со името.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26




