Граѓани за Европска Македонија

Насловна Вести Политичкото „чистење“ во Македонија се соочува со испит пред суд

Политичкото „чистење“ во Македонија се соочува со испит пред суд

Од МЕТЈУ БРУНВАСЕР
Објавено во Њујорк Тајмс на 24 јануари 2012 година

Повеќе од 20 години откако поголемиот дел од Источна Европа го чистеше јавниот живот на агентите, известувачите и другите приврзаници на комунистичкиот систем, сега на ред е Македонија.

Владата, со седиште во Скопје, е во завршната фаза од спроведувањето на нејзината широка програма, принудувајќи ги луѓето од најразлични професии на давање заклетва дека не биле соработници, и предизвикува судир со највисокиот суд на државата, којшто ја прегледува уставноста на мерката.

Во рамките на оваа мерка, новинарите и вработените во невладините организации, политичките и верските организации се обврзани да поднесат изјава до 31 јануари во врска со тоа дали некогаш соработувале со службите за државна безбедност.

„Сакаме да отвориме нова страница и да изградиме демократско општество според модерни вредности, а не општество што се темели врз стари врски формирани во текот на комунистичкиот период“, рече Илија Димовски, пратеник во Парламентот од владејачката партија – Внатрешна македонска револуционерна организација, централно-десничарска партија, во понеделникот во телефонско интервју од Скопје.

Додека повеќето слични програми од Источна Европа се стремеа да помогнат во олеснувањето на транзицијата од тоталитарен во демократски систем на владеење во раните 90-ти години, програмата на Македонија дури сега влегува во сила, предизвикувајќи загриженост за нејзината ефективност и стравови дека законот се користи за да се замолчат политичките противници.

Како резултат на тоа, Уставниот суд ќе донесува одлука по оваа програма во среда. Со одлуката може да се запре целиот процес, да се дозволи да продолжи или да се укинат некои одредби.

Програмата издвојува поединци од стариот комунистички режим, кој заврши во 1991 година со распадот на Југославија и поделбата на федерацијата од шест југословенски републики на седум независни држави.

Според Комисијата за верификација на фактите, владино тело задолжено за управување на процесот, примени се повеќе од 10.000 изјави од сегашни и поранешни државни функционери. Oд околу 4.000 обработени случаи, за 26 лица било утврдено дека се соработници. Петнаесет лица ги обжалија наодите пред суд.
Томе Аџиев, претседател на комисијата, рече дека политиката не може да влијае врз работата на Комисијата.

„Ние немаме притисок од власта“, изјави тој во телефонското интервју од Скопје. „Ние само ги утврдуваме фактите“.

Ваквите програми во регионот правно се познати како лустрација - од латинскиот збор што значи „ритуално прочистување“. Ана Петрушева, директорка на Балканската истражувачка мрежа на Македонија, непрофитна он-лајн медиумска група, ја поддржува целта на лустрацијата: чистење на оние кои ја злоупотребиле службената моќ во стариот систем и отворање на досиејата на поранешните државни безбедносни служби.“

Но, г-ѓа Петрушева изјави дека начинот на кој владата го води процесот „служи само за манипулација и политички притисок“.

„Во Скопје е присутно чувството дека ова е уште еден начин да се создаде притисок врз новинарите“, рече г-ѓа Петрушева, која иако имаше само 15 години во 1991 година, ја достави својата изјава.

Обвинувањата за политичко влијание се поткрепени со фактот дека сите тројца функционери кои се соочуваат со отстранување од функцијата според законот се политички противници на владејачката партија. Едниот од нив, Владимир Милчин, театарски режисер и директор на Фондацијата Отворено општество во Македонија, поднесе жалба на одлуката на Комисијата за лустрација за отпуштање од неговата позиција како универзитетски професор. Фондацијата е еден од најголемите финансиски поддржувачи на граѓанското општество и на организациите за борба против корупцијата во земјата.

„Владимир Милчин има значаен углед како глас на либералните вредности во земјата“, рече Арија Нaер, претседател на фондациите Отворено општество, минатата есен во телефонско интервју од Њујорк. Осврнувајќи се на г. Милчин, г. Нaер на интервјуто рече „се чини дека дискредитирањето на некој како него има голема политичка вредност за владата“.

Г. Милчин, кој има 64 години и кој сега се движи со двајца телохранители, рече дека тој е посочен како некој што ја „предаде“ Македонија. „Ова е многу сериозно“, рече г. Милчин. „Ова значи дека кога шетате низ центарот на градот, луѓето извикуваат ‘срам да ти е’ и ‘предавнику’“.

Извор: http://www.nytimes.com/2012/01/25/world/europe/macedonia-political-cleansing-faces-court-test.html
Коментари
Додади ново
Напиши коментар
Име:
Email:
 
Website:
Наслов:
 
Please input the anti-spam code that you can read in the image.

3.26 Copyright (C) 2008 Compojoom.com / Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved."

 

Најави