На прес-конференцијата, одржана на 30 март 2009 во Културниот центар “Точка“, активистите за човекови права побараа од Министерството за внатрешни работи да поднесе кривични пријави против оние што во саботата на плоштад Македонија во Скопје физички ги нападнаа студентите од Архитектонски факултет. Студентите, на протестот „Прво архитектонско востание“ на 28 март 2009, бараа да не се гради црква меѓу ресторанот "Дал мет фу" и трговскиот центар "Сити галери".
Според Жарко Трајаноски, активист за човекови права, случувањата на скопскиот плоштад претставуваат силување на македонската демократија, бидејќи полицијата не го заштитила правото на студентите на мирен протест. Трајаноски нагласи дека правото на мирен протест се укинува само за време на воена состојба и дека полицијата имала обврска да го оневозможи насилството од контрадемонстрантите кои со клоци и тупаници се обидоа да го растурат протестот.
Мирјана Најчевска, од Центарот за човекови права и разрешување конфликти, нагласи дека и да бил протестот политички мотивиран, тепањето не е дозволено. „Апсолутно е неважно дали протестот има или нема политичка заднина, туку, станува збор за кршење на правото на мирен протест", рече Најчевска.
На забелешката од МВР дека студентите не го пријавиле навреме протестот, односно дека го пријавиле 24 часа пред одржувањето, место 48 часа, како што е законски предвидено, Најчевска рече дека согласно Уставот студентите немале обврска да пријават протест со кој не се блокираат сообраќајници и не се ограничува нормалниот живот на луѓето.
"Во саботата се случи грозоморно насилство врз студентите. Не станува збор за судир меѓу две групи, туку, за физички напад од една група врз друга", рече Славчо Димитров од Коалицијата за заштита и промоција на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26