Насловна Вести Реакција по повод отфрлањето на иницијативата за референдум од страна на општина Центар

Реакција по повод отфрлањето на иницијативата за референдум од страна на општина Центар

Советниците во Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП и НСДП вчера, 3 септември 2009, ја суспендираа волјата на 619 граѓани од општината за да се распише референдум за изградба на верски објекти на плоштадот Македонија. Тоа го направија арогантно, без аргументи и без добра волја да им се излезе во пресрет на граѓаните од нивната општина кои сакаат да си го искористат своето демократско право да влијаат врз одлуките на општината.


Пред очите на јавноста, медиумите и меѓународните претставници, советниците се повикуваа на автентично толкување на Законот за референдум кое предвидува граѓаните своите потписи да ги депонираат во Министерството за правда. Притоа, намерно ги игнорираа нашите забелешки дека станува збор за толкување кое се однесува за распишување референдум на ДРЖАВНО ниво, како што неколкупати експлицитно е кажано во документот на кој се повикуваат. Од друга страна, Законот за локална самоуправа никаде не спомнува никакво Министерство за правда, туку јасно кажува каде се доставуваат потписите:

2) Предлогот за покренување на граѓанска иницијатива на локално ниво се доставува до претседателот на советот.  (член 75 став 2)

Стравувајќи дека може да потфрли демократскиот капацитет на општинските функционери, за секој случај списокот со потписи уште пред две недели го доставивме до Министерството за правда. Доколку навистина постоеле сомневања за автентичноста на потписите, Министерството за правда имало повеќе од доволно време да ги провери имињата, презимињата и матичните броеви на потпишаните граѓани и со тоа да го спаси образот на денешната македонска демократија.

За ова флагрантно кршење на човековите права на 619 граѓани, ние ќе поднесеме соодветни судски пријави против општината и советниците, па тие ќе имаат барем уште една прилика да ги препрочитаат законите за референдум и локална самоуправа и да ги согледаат небулозите со кои се служеа вчера за да го оправдаат силувањето на демократијата.

Бараме државните институции да одлучат во чија надлежност е проверката на тој список и да си ја завршат работата за која се платени. Доколку службите не сакаат да го сторат тоа, тогаш се поставува прашањето на нивната смисла: чии интереси тие треба да штитат?! Доколку, пак, не ги знаат сопствените процедури, тогаш нека прашаат. Ние се нудиме да им помогнеме.

Коментари
Додади ново
Напиши коментар
Име:
Email:
 
Website:
Наслов:
 
Please input the anti-spam code that you can read in the image.

3.26 Copyright (C) 2008 Compojoom.com / Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved."