Европската комисија го фокусира вниманието на неопходноста Владата на Република Македонија итно да постигне компромис во спорот со Грција, бидејќи тој спор е најкрупната политичка пречка Македонија да добие датум за преговори. Во својот извештај, Европската комисија ја нагласува и потребата Владата да ги подобри односите со сите свои соседи, доследно да го спроведува рамковниот договор, да ја департизира администрацијата, да го подобри судството, да обезбеди повеќе слобода и демократија, да ги ослободи медиумите од политички притисоци и да постигне видлив напредок во многу други области на општествениот живот. Тоа се истите прашања на кои ГЕМ укажува веќе долго време, од фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт до денес, не само во јавните настапи на своите членови, туку и во многубројните непосредни средби со граѓаните ширум Македонија.
Почитувани граѓани на Република Македонија, во декември не смееме да дозволиме да ни се случи уште едно големо фијаско! ГЕМ ги повикува Владата и сите другите релевантни институции во земјата, наместо да се замајуваат со непродуктивен триумфализам и со комичен лов на „силите“ кои наводно сакаат да создадат „лоша слика“ за состојбите во Македонија, во следните два месеца да се посветат на добиените задачи. Настаните во последните две години покажаа дека јавноста мора да демонстрира нагласено критичко мислење и да конституира жесток демократски притисок врз оваа влада, доколку сакаме да ја оствариме нашата заедничка цел. Тоа беше и останува мисијата на ГЕМ. Затоа нема да замолчиме, како што со јасен заканувачки тон, од нас тоа го бараат некои претставници на власта.
Напротив, во претстојниот, многу значаен период за земјава, ќе ги удвоиме напорите за развивање на свесноста на граѓаните определени за Европска Македонија дека е неопходно да се исчекори последниот чекор, а институциите да се подготват за преговорите за членство во ЕУ, кои сами по себе се една тешка, деликатна и долгорочна задача. ГЕМ дури сега ќе зборува громко и со силата на аргументите ќе ја стивне вревата на авантуристите и на нивните апологети, кои иднината на Македонија се уште ја бараат закопана во минатото и „скриена“ некаде на исток.
Почитувани граѓани, Македонија уште еднаш е пред голем предизвик. Портата на Обединета Европа за нас е широко отворена, но историскиот чекор напред мора да го направиме самите.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26