Македонија нема сила за уште едно НЕ

Со идеја да ги поттикнат граѓаните да демонстрираат нагласено критичко мислење и да конституираат жесток демократски притисок врз Владата, а се со цел побрзо да влеземе во Европската унија, граѓанската иницијатива „Граѓани за Eвропска Македонија“, минатата недела, на 30 октомври 2009 година, во салата на општина Тетово, организираше трибина на која се разговараше за предизвиците на Република Македонија, пред декемвриската одлука на Советот на министри на ЕУ, за датумот за почеток на преговори.
На трибината, до тетовчани се обратија Бранко Героски, Мерсел Биљали, Никола Гелевски, Владимир Милчин, Жарко Трајаноски и Роберто Беличанец.
Осврнувајќи се на октомврискиот Извештај на Европската комисија и добиената препорака за започнување преговори со ЕУ, Героски нагласи дека крајниот рок за решавањето на спорот со името, засега најголемата пречка да не добиеме датум, ни истекува во декември 2009. Героски констатираше дека проевропските сили во Македонија ќе мора да го поддржат премиерот Груевски, но единствено доколку направи компромис за името и го реши отвореното прашање со Грција
За Мерсел Биљали, одолговлекувањето на решавањето на спорот со името и трите години поминати во чекање на препораката од ЕК се неповратна загуба за Македонија, чиј влез во ЕУ и НАТО е од круцијален интерес.
Биљали упати предупредување кон Владата, за која се сомнева дека веќе и отворено ги контролира медиумите. „Опасноста е дека тоталната контрола врз умот може лесно да се претвори во неконтрола врз безумието“.
Никола Гелевски потсети дека граѓанското општество, во моменти од историско значење за државата, мора де се обедини, да изврши конструктивен притисок врз Владата, да се организира на нов, креативен начин и од оваа Влада да побара повеќе.
Роберто Беличанец изрази отворена недоверба дека до декември ќе се решат клучните прашања. Тој смета дека нашата голгота ќе продолжи заради недемократската владејачка структура. Според него, Груевски ќе се обиде со референдум да направи соучесник од народот.
Сличен став изрази и Жарко Трајаноски кој смета дека Груевски ќе оди на референдум, заради тоа што референдумот го вети во предизборната „Преродба во 100 чекори“. Според него, не постојат законски услови за организирање референдум, не е корегиран избирачкиот список, не постои политички консензус, а дури ни во јавноста нема расположение за гласање на референдум.
Владимир Милчин нагласи дека Македонија се наоѓа во полоша позиција, за разлика од позицијата што ја имаше на почетокот на годинава. Според Милчин, доколку не го искористиме овој момент, можеби ќе треба да чекаме во ЕУ да влеземе во пакет со останатите балкански држави. Тој, исто така, истакна дека проевропските сили во Македонија ќе му помогнат на Груевски, но единствено ако отворено го каже својот став и предлогот за името.
Присутните тетовци на трибината нагласија дека граѓаните се уморни од политика. Се плашат дека референдумот одново етнички ќе ја подели Македонија.
| Коментари |
|