На 12.11.2009 Претседателот на Советот на општина Центар нè извести дека ја прифаќа нашата предлог иницијатива и дека собирањето на потребните 20% потписи од полнолетни жители на Oпштина Центар започнува истиот ден. При тоа Претседателот на Советот, намерно или ненамерно, не наведува пред кој државен орган треба да се собираат потписите, каде, односно во чии простории и кога.
Вчера, на 16.11.2009 во подрачната единица на Министерството за правда во Општина Центар, немаше отворен образец за собирање потписи за распишување задолжителен рефрендум на кој граѓанките и граѓаните би го кажале својот став за градењето верски објекти на Плоштадот Македонија.
Ние како иницијатори, неколку пати до сега укажувавме дека во вакви услови е теоретски и практично невозможно да се спроведе една ваква граѓанска иницијатива:
- Ни потрошија 6 од 30 дена за собирање потписи заради нивната неажурност и некоординираност. Веќе е јасно дека со недавањето соодветни и навремени информации намерно ја саботираат оваа иницијатива бидејќи се плашат од исходот;
- Институциите навремено да си ја завршеа работата и да го префрлеа избирачкиот список во ДИК сега немаше да дискутираме за простории, време и фер услови за спроведување граѓански иницијативи. Жртва сме (граѓанската иницијатива) на маѓепсан триаголник на неодговорноста меѓу ДИК, Министерство за правда и Советот на Oпштина Центар. Граѓаните не се должни да ги координираат институциите, а најчесто се изложени на озлогласената административна стратегија пинг-понг од шалтер до шалтер;
- Физички е невозможно во 30 дена од кои само 20 работни, во работно време да се соберат 8.800 потписи. Во Македонија е полесно да се соберат потписи за државен референдум и за кандидатура за претседател отколку за локален референдум. Законот за референдум не само што е лошо напишан (нејасен, недовршен, нелогичен, неусогласен со други закони, неусогласеност на локално и национално ниво) тој е и тешко применлив и целосно зависи од вољата на администрацијата
- ВМРО-НП имаат 3 месеци и 33 канцеларии за собирање 10.000 потписи, Министерот за правда преку телевизии ги информира за процедурата и се потпишуваат без лични карти;
- Доколку Советот го следеше автентичното толкување за собирање на иницијалните 100 потписи за Предлог иницијатива на државно ниво, го прашуваме зошто не ја следи практиката на спроведување на иницијативи на државно ниво во делот на обезбедување услови за собирање потписи пред да започне самото официјално собирање на потписи?
- Во Македонија може да функционираат само октроирани референдуми. Кога Премиерот сака референдум - си го добива, кога граѓаните сакаат - тогаш не може. Повторно се зависи од партиската воља;
Бараме институциите да ни излезат во пресрет и да отворат повеќе собирни пунктови во урбаните заедници низ општината кои ќе работат после 16 часот, исто така бараме рокот од 30 дена да се брои почнувајќи од денот кога ќе бидат обезбедени сите услови, сè со цел остварување на фундаменталното демократско право за учество на граѓаните во донесувањето на одлуките.
Со почит,
Плоштад Слобода
Граѓани за Европска Македонија
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26