Одново зачестија вербалните напади врз оние кои јавно изнесуваат политички идеи различни од политиките на власта. Ова станува хронично и загрижувачко. Секое струполување на македонските позиции на меѓународен план актуелната власт се обидува да го амортизира однатре поттикнувајќи лов на вештерки, предавници и внатрешни непријатели.
Пред две недели, владејачката партија на еден докрај небулозен начин жигоса неколкумина граѓани, главно од граѓанскиот сектор, обвинувајќи ги дека биле „на платниот список“ на некогашниот претседател и сегашен водач на опозицијата. Неколку дена потоа, „еден од столбовите на македонската држава“ (како што актуелната власт сака да ја гледа МПц), архиепископот Стефан, ги нападна граѓаните кои се противставуваат на изградбата на верски објекти на скопскиот плоштад етикетирајќи ги како „егзарси“ и „анкетари“ кои работат за нечии туѓи интереси.
Пред три недели, еден од најбруталните извршители на режимот, уредник на телевизија и весник, со невиден простотилак и агресивност им се нафрли (во прв ред како на „педери“) на тројца активисти од невладиниот сектор, со своето бладање кршејќи ги сите можни етички и професионални норми.
На истата телевизија, луѓето кои мислат спротивно од власта беа наречени „квазиинтелектуалци, платени новинари, сепаратисти, платеници на разни служби, обесправени албанци“... а „совесните интелектуалци, добрите новинари, лојалните албанци и невладините организации кои имаат државотворен капацитет“ беа повикани да им се противстават на првите.
Целиот документ на македонски јазик (.pdf)
Целиот документ на албански јазик (.pdf)
Целиот документ на англиски јазик (.pdf)
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26