Насловна Вести СООПШТЕНИЕ

СООПШТЕНИЕ

Учеството на еден скопјанец или скопјанка во процесот на носење одлуки кои ги менуваат ликот и содржината на Скопје очигледно функционира поинаку кај нас, во нашата демократија! Тоа зависи од некомуникацијата помеѓу надлежните, законските недоискажаности, како и недруштвеноста на г-динот Владимир  Здравев, тромоста на г-динот Маневски, и духовитоста на г-динот Тодоровиќ. Општинските советници изгласани од граѓаните на Oпштина Центар како да не постојат!

Институционалното попречување на нашата иницијатива за референдум е само дел од системски диригираното задушување на поинаквиот став, кое се демонстрираше и со натрапничко однесување на нашите трибини, игнорирањето на нашите апели за јавна дебата, насилниот прекин на протестот на Плоштад Македонија, игнорирањето на анкетите на јавно мислење и на потписите собрани за започнување на граѓанска иницијатива.

Поднесувавме барања, праќавме писма, пеевме песни, дебатиравме, нè навредуваа, нè маткаа по шалтери и разни канцеларии. Бевме трпеливи и соработливи, направивме сè што побараа, сè што „според законот“ сме требале да го направиме. Ги прифаќавме сите новонастанати услови во процесот и ги исполнувавме навреме. Конечно, Претседателот на Советот на Oпштина Центар, лично ја прифати иницијативата, иако тој, според законот, требал да закаже седница на Советот! А секако дека Министерството за правда не го прифаќа нашето барање без заклучок од несудената седница...

Граѓаните на неброени начини го искажаа своето незадоволство од одлуката за изградба на црква и џамија на плоштадот Македонија, а нивните гласови останаа игнорирани. Дотолку повеќе, се искористија да се обележат и демонизираат иницијаторите, поради нивните ставови. И тоа не е најстрашниот дел! Симптоматичен е начинот на кој активистите „се стимулираат“ да се откажат од иницијативата: со прекршочни пријави, лични закани, јавна осуда, дури и физичка сила пред очите и пендраците на полицијата.

Повиканите на ниеден начин не се почувствуваа повикани да поддржат иницијатива која ќе овозможи нашиот став конечно да добие и своја институционална форма – граѓаните на референдум да се изјаснат дали сакаат цркви, џамии и други верски објекти на главниот плоштад во нивниот град. Добивме рок, но не и упатства, услови, простории и поддршка. Добивме лаги, невкус и осуда, но не и право на нашиот град. Затоа, притисокот нема да престане. Ставот постојано ќе добива нови форми, но содржината ќе остане иста. Ќе се санкционира игнорантното и репресивно однесување кое нè кочи, но не и заплашува!

Овој пат нè одвратија од намерата да практикуваме демократија тука, непосредно меѓу нас. Иако институциите се должни да им помогнат на граѓаните во практикувањето демократија, тие сепак не направија ништо. Едноставно нè натераа да се повлечеме од идејата дека како граѓани, независно, можеме да иницираме референдум. Но борбата не престанува, иако понекогаш изгледа невозоможно да се победи. Ќе најдеме нови начини како да се спротивставиме и ќе продолжиме.
Коментари
Додади ново
Напиши коментар
Име:
Email:
 
Website:
Наслов:
 
Please input the anti-spam code that you can read in the image.

3.26 Copyright (C) 2008 Compojoom.com / Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved."