Насловна Вести ЛАГИ, ИНСИНУАЦИИ И ПОДБУЦНУВАЊА

ЛАГИ, ИНСИНУАЦИИ И ПОДБУЦНУВАЊА

Главниот и одговорен уредник на „Вечер“ Драган Павловиќ Латас, претендент на позицијата водечки погромаш во Република Македонија, уште еднаш го урниса својот весник на рамниште на политичка депонија кога на 18 декември објави непотпишан текст со небулозен наслов „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“. Непотпишаниот текст врие од лаги и инсинуации.

Барајќи жртвени јарци и произведувајќи државни непријатели, „македонољубецот“ набрзина скрпил некаков список, небаре „Латасова листа“ на новинари кои, инсинуира тој, биле „платени да помогнат да помине грчкиот предлог за рушење на македонизмот“. Петнаесетте имиња на „платените новинари“, признава тој, ги нашол на сајтот на Сорос, проект Граѓани за европска Македонија. „Рушителите на македонизмот“ се објавиле со име и презиме на сајтот на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, во проектот Граѓани за европска Македонија?!

А кои се, всушност, тие петнаесет „платени новинари“? Седуммина од нив не се новинари. А меѓу нив има и такви кои никогаш ниту напишале ниту кажале во некаков медиум нешто за спорот околу името. На Латас тоа не му е непознато, но тој безобѕирно лаже кога сака да ја постигне нормата, кога „штанца“ непријатели и поттикнува путинофилија затскриен зад божемното македонољубие.

Граѓаните за европска Македонија организираа 24 дебати во 19 градови во Република Македонија. Шеснаесет воведничари и стотина дискутанти учествуваа во тие дебати. Во името на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и со полна кривична и материјална одговорност, јас, како извршен директор на ФИООМ тврдам дека ниту еден воведничар или дискутант не добил ни денар хонорар. Претпоставувам дека на Латас и неговите налогодавци ова може да им звучи неверојатно, но тоа е така! Членувањето во ГЕМ и учеството во активностите на ГЕМ е граѓанско, доброволно и не овозможува никакви приходи, редовни или повремени! Ова не го тврдам прв пат и ќе го повторувам секогаш кога ќе треба да се подзачистат отровните испарувања што ги шират депониите командувани од Латас.

Значи, да подвлечеме црта под лагите и инсинуациите објавени во „Вечер“ на 18 декември 2009 година. Прво, половината од петнаесетмината „платени новинари“ не се новинари. Второ, ниту еден од нив не е платен! Тоа се фактите и тука не помагаат никакви латасовштини.

Доколку петнаесеттемина граѓани одлучат да го тужат клеветникот, ФИООМ ќе им обезбеди правен застапник.

За Фондацијата Институт отворено општество – Македонија,

Владимир Милчин,
Извршен директор
Коментари
Додади ново
Напиши коментар
Име:
Email:
 
Website:
Наслов:
 
Please input the anti-spam code that you can read in the image.

3.26 Copyright (C) 2008 Compojoom.com / Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved."