Граѓани за Европска Македонија

Насловна Вести Учеството на граѓанското општество во политичките процеси во Република Македонија

Учеството на граѓанското општество во политичките процеси во Република Македонија

А. Проблеми на разбирањето
Основниот проблем со кој се соочува oној што ќе се обиде да ја промислува темата формулирана во насловот на текстот лежи во кај нас одомаќеното редуцирано разбирање на поимот граѓанско општество. Граѓанското општество кај нас се сведува на невладините организации, односно здруженијата на граѓани, и фондациите.
Медиумите долго одбиваа да прифатат дека се дел од граѓанското општество. Истото важи и за деловниот сектор. Во сопственоста врз медиумите олигарсите гледаат најефикасен инструмент за остварување на нивното влијание во политичките процеси, односно за промовирање интереси кои не секогаш се во хармонија со јавните интереси.

Големите верски заедници посакуваат конкордат со власта и така ја загрозуваат секуларноста на државата. Воведувањето задолжителна веронаука во образовниот систем е најеклатантниот пример за испреплетеноста на интересите на политичарите и клериците. А најсликовитата илустрација за нездравите врски меѓу политиката и верата може да биде изјавата на еден свештеник на Македонската православна црква кој огорчено изјави: "Ние ги удиравме камбаните кога победија (мисли на ВМРО-ДПМНЕ), а тие сега ни бараат да плаќаме данок!

Најпосле, македонското општество е партиски, етнички, а во последно време и верски длабоко поделено општество. Оваа поделеност не го одмина ни граѓанското општество. Навидум, линијата на поделбите се различните одговори на прашањето дали политичките прашања треба да им бидат препуштени на партиите или невладините организации имаат право и должност да ги третираат политичките прашања кои ги засегаат јавните интереси, без притоа да ги поддржуваат изборните амбиции на партии или поединци.

Над концептот на граѓанското општество, особено над невладините организации, сè уште се надвива облакот од сомнежи дека се увезени од Запад, петта колона на меѓународниот заговор против суверенитетот и интегритетот на Македонија, предавници и платеници на Грција, еврејска конспирација, педерска и наркоманска творба, недело на соросоидите и т.н. Анатемисувањето не е единствената стратегија на властодршците (пред сè ВМРО-ДПМНЕ) за замолчување на критички настроените индивидуи и организации. Втората стратегија се состои во формирањето и финансирањето на десетици владини невладини организации кои се огласуваат само за да ги поддржат политиките на партијата на премиерот или за да ги избербатат оние кои ги критикуваат тие политики. Третата стратегија се состои од употребата на вербално и физичко насилство заради замолчување на критичкото граѓанско мислење. Со насилство беше спречена трибината на Граѓаните за европска Македонија што требаше да се одржи на 28 февруари 2008 година во Домот на поезијата во Струга.

Б. Почетоци:  Одбрана на независноста на Република Македонија
Комплексен е патот што го помина невладиниот сектор од акциите за меѓународно признавање на независноста на Република Македонија до борбата за демократија, транспарентност, слобода на изразувањето, владеење на правото и заштита од секаков вид дискриминација.

Во ноември 1992 година во Охрид, Хелсиншкиот парламент на граѓаните на Македонија (ХПГМ) беше домаќин на меѓународната Конференција на граѓаните и општините на Европа, организирана со поддршка на Советот на Европа. ХПГМ беше член на влијателната меѓународна организација Хелсиншки парламент на граѓаните која беше партнер на Советот на Европа. На охридската конференција учествуваа над 400 делегати и тоа беше првиот голем меѓународен собир одржан во независна Македонија. За важноста на настанот сведочи и присуството и обраќањата на претседателот на државата, претседателот на Собранието и премиерот. Конференцијата донесе резолуција со која се бараше признавање на независноста на република Македонија. Не е неважно ни да се напомене дека за конференцијата не беше побарана финансиска поддршка од македонската влада.

Непосредно пред Конференцијата, Џорџ Сорос основа своја  фондација во Македонија. Нејзиниот прв назив беше Фонд отворено општество - Скопје, но донаторот Џорџ Сорос по два месеца ја регистрира како Фонд отворено општество - Македонија, денес Фондација Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ), увидувајќи ја важноста што името на државата ја имаше за мнозинството нејзини граѓани. Оваа фондација одигра круцијална улога во развојот на невладиниот сектор и во разбивањето на медиумскиот монопол во Република Македонија. Се разбира, нејзината улога не секогаш и не од сите се оценува позитивно, но ретки се оние кои го игнорираат нејзиното постоење и влијание.

Во почетокот на 1993 година, заедно со неколку женски и екологистички организации, ХПГМ организираше кампања со испраќање дописни картички до тогашниот Генерален секретар на ООН Бутрос Гали со кои се бараше признавање на Република Македонија. На неколку конференции, организирани од меѓународниот Хелсиншки парламент на граѓаните, активисти на ХПГМ полемизираа со активистите на грчкиот Хелсиншки парламент на граѓаните. Авторот на овој текст си спомнува на конференцијата за печат во Валенсија во 1993 година на која тој ги изложи македонските позиции, а сегашниот премиер Јорго Папандреу ги изложи грчките. Соросовата фондација во тој период финансираше и неколку средби на грчки и македонски новинари, интелектуалци и активисти.

В. Бегалските кризи и последиците
Голем број невладини организации се појавија по напливот на бегалци од Босна и Херцеговина и, уште повеќе, по напливот на бегалци од Косово во 1999 година. Државните институции немаа капацитети да се справат со проблемите. Меѓународните хуманитарни организации бараа локални партнери за полесно и побрзо имплементирање на проектите финансирани билатерално и мултилатерално, главно од САД и ЕУ. Најголемиот дел од домашните невладини организации кои никнуваа како печурки по дожд исчезнаа по заминувањето на бегалците и донаторите, но десетина организации опстанаа, ги прецизираа своите мисии и ги изградија своите капацитети за дејствување во областите за кои се специјализираа. Заштитата на правата на децата, демаргинализацијата и инклузијата на Ромите во образовниот систем, воннаставните активности за деца и млади од различно етничко потекло, семејното насилство, женските права, руралниот развој, меѓуетничкиот дијалог и човековите права останаа приоритети на оние невладини организации кои го надминуваа дејствување ад хок. Во периодот меѓу двете бегалски кризи се етаблираа силни професионализирани здруженија на граѓани и фондации. Овој тренд имаше и своја слаба точка, а тоа беше концентрацијата на силните организации кои немаа проблеми со одржливоста во главниот град. Во Скопје беа сместени уште две силни организации кои се посветија на мониторинг и застапување: Хелсиншкот комитет за човекови права на Македонија (човекови права) и Граѓанската асоцијација "Мост" (фер и слободни избори).   

Своето учество во намалувањето на бремето што легна врз државата со големиот број бегалци, особено оние од Косово, невладините организации го платија со проширувањето на предрасудите дека тие (1) само перат пари (иако најчесто овој поим беше погрешно изедначуван со неплаќањето даноци): (2) ги помагаат само Албанците (донаторите ги насочуваа парите кон северна и северозападна Македонија): (3) се слуги на странците, најчесто на ЦИА, а растечката ксенофобија се сврте против нив.

Во најдобар случај, невладините организации беа добредојдени само кога спроведуваа хуманитарни акции за делење храна, облека, школски прибор. Незамисливо беше тие да спроведуваат мониторинг, а уште понезамисливо беше да застапуваат политики за прашања од јавен интерес.
Истражувањето "Хероинска епидемија" кое го спроведоа експертите Душан Нолимал и Жан-Пол Грунд беше етикетирано како тенденциозно. Уште полошо помина стратегијата за намалување на штетите од употреба на дроги која ја спроведуваше организацијата ХОПС - Скопје. Метадонската терапија и дистрибуцијата на чисти шприцови беа обележани како ширење на наркоманијата. Отпорите против заложбите метадонската терапија да биде достапна во здравствените домови не се надминати ни денес. Стигматизацијата на зависниците и денес претставува непремостива пречка за ефикасни и ефективни стратегии во справување со последиците од зависностите и сексуално преносливите болести.

Г. Медиумскиот плурализам и слободата на информирањето
Веќе во првата половина од деведесеттите години, ФИООМ ја активира својата програма за медиуми која си ја постави целта со грантирање опрема и со експертска помош да го стимулира плурализмот во печатените и електронските медиуми. Првата приватна телевизија А1 и првата приватна печатница со ротација за печатење весници Европа 92 во Кочани беа помогнати со грантови поголеми од половина милион долари. Десетина локални радио и телевизиски станици на македонски, албански и ромски беа добитници на грантови од опрема. Канал 77 од Штип подоцна стана национално радио. Од печатените медиуми, најголема помош на својот почеток доби весникот Дневник во облик на грант и бескаматен заем. Потфатот на ФИООМ привлече уште неколку странски донатори и тие неколку години координирано дејствуваа како Меѓународен медиумски фонд (американскиот ИРЕКС, Норвешката народна помош, швајцарската Медиенхилфе, холандскиот Прес Нау, Шведскиот хелсиншки комитет, Мрешната медиумска програма на ИОО-Будимпешта и ФИООМ).

Подоцна донаторите ја насочија својата поддршка кон организациите на граѓанското општество кои се определија за обука на новинарите (Македонскиот институт за медиуми), саморегулацијата во новинарскиот еснаф (Здружението на новинарите на Македонија) и унапредување на законодавството и јакнење на независните регулаторни тела (Центарот за развој на медиуми). Заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка, ФИООМ го основа НВО Инфо-центарот кој го спроведува "Медиумското огледало#, анализа на содржините во најгледаните и најчитаните медиуми.

По неуспехот Република Македонија да добие покана за полноправно членство во НАТО на самитот во Букурешт, забележливо е дека еден дел од медиумите континуирано изразува критички ставови за политиката на владата на Груевски и се приближува до ставовите на дел од формалните и неформалните невладини организации кои се изјаснуваат критички за антиквизацијата, неподготвеноста за вистински преговори за името, расфрлањето со буџетот за владини кампањи и за злоупотребата на скопскиот плоштад.

Јакнењето на свеста за неопходноста од поголема синергија на граѓанското општество во јавните заложби за европеизирање на Република Македонија е нов феномен чија важност веднаш ја забележаа официјалните и неофицијалните портпароли ("мегафоните#) на најголемата владеачка партија и веднаш почнаа со жестоки напади и клевети против интелектуалците (особено колумнистите во печатените медиуми), новинарите и активистите здружени неформално во Граѓани за европска Македонија и Плоштад Слобода, обележувајќи ги како соросоиди и грчки платеници.

Д. Вооружениот судир од 2001 година и Рамковниот договор
Дел од невладините организации (етнички мешани, македонски, албански, турски и ромски) реагираа веднаш по избувнувањето на судирот со "Апелот за мир", здружени во кампањата која, подоцна, прерасна во неформалната коалиција Доста е. Вториот апел на Доста е, "Против омразата", беше објавен веднаш по уништувањето верски објекти и погромот против муслиманското население во Битола. Тешко е да се измери колкав е придонесот на невладините организации во напорите судирот да се развие во граѓанска војна, но јасно е дека најголемиот дел од нив не дозволи да биде вовлечен во вителот на омразата. Невладините организации здружени во Доста е беа носители и на кампањата Рамката зависи од нас, финансирана од УСАИД, која се состоеше од широка дистрибуција на преведениот текст на Рамковниот договор на македонски, албански, турски, ромски, влашки и српски и од јавни дебати за неговото значење. Во тоа време само политичките елити располагаа со текстот на Рамковниот договор кој беше напишан и потпишан на англиски јазик.

Доста е обедини повеќе од сто невладини организации кои се здружија заради борба против корупцијата и организираниот криминал и за развој на локалната самоуправа и локалната демократија и за фер и слободни избори. Истражувањето "Мир, стабилност, избори", нарачано од ФИООМ и Центарот за помирување и демократија од Солун, претставуваше силно предупредување дека голем процент од граѓаните на Македонија се плаши да излезе на парламентарните избори закажани за есента 2002 година. Лузните од вооружениот конфликт сè уште беа свежи. И одново, повеќе од сто граѓански организации се здружија во кампања Моќта е во народот за да ги мотивираат граѓаните да го надминат стравот и да го искористат своето право да избираат. Одзивот на изборите беше речиси 73%, резултат што не беше остварен на неколкуте следни избори. Во својот говор пред молкот, на централниот плоштад, премиерот и лидер на партијата што беше поразена на изборите ги обвини невладините организации дека се петта колона на меѓународниот заговор против суверенитетот и интегритетот на Република Македонија. Тоа беше кулминација на обвинувањата кои ги изговори премиерот на конференцијата за корупцијата во Македонија организирана од ФИООМ, на која претставникот на Меѓународната кризна група ја означи продажбата на скопската рафинерија како криминална.  

Една од придобивките на антикорупциските активности на невладините организации беше формирањето на Државната комисија за спречување на корупцијата. Уште поважно беше подоцнежното донесување на Законот за слободен пристап до информации од јавен интерес, кој стана најважниот инструмент во рацете на медиумите и невладините организации во нивната борба за транспарентни и отчетни институции на државно и локално ниво.

Ѓ. Името и ЕУ, Плоштадот, Уставниот суд, законот за антидискриминација: Активизам, мониторинг, застапување
Во февруари 2008 година шестмина интелектуалци го иницираа неформалното движење Граѓани за европска Македонија (ГЕМ) и ја обиколија државата, изложувајќи ги пред граѓаните и расправајќи ги со нив своите ставови за повеќе политички и економски проблеми, но акцентот беше ставен на блокираните евроатлански перспективи и на критиката на владините политики на антиквизација. Над 3000 граѓани на Македонија ги потпишаа манифестите на ГЕМ. За својот ангажман, шестмината иницијатори и неколкумината други воведничари на трибините на ГЕМ не добиваа никаков надомест. Ова е еден од ретките примери на волонтерство во невладиниот сектор во Македонија.

На 28 март 2009 година насилно беше растурен мирниот протест на стотина млади луѓе, главно студенти од Архитектонскиот факултет во Скопје, организирани во неформалната Прва архи-бригада. Протестот беше реакција на одлуката на Министерството за култура за симболична цена да £ отстапи на Македонската православна црква простор на централниот скопски плоштад за изградба на црква. Обидот на Плоштад Слобода и ГЕМ да биде распишан општински референдум за прашањето дали на плоштадот да се градат верски објекти беше оневозможен поради неповолната и нејасната законска рамка и префрлањето на одговорноста помеѓу централните органи и локалната власт. Промоцијата на владино-градско-општинскиот проект "Скопје 2014# резултираше, покрај жолчните полемики, со заеднички протест на неформалниот Плоштад Слобода и најагилната албанска невладина организација Разбуди се. Власта продолжува да ги игнорира сите аргументи против затрупувањето на плоштадот со објекти и споменици во псевдокласичен стил, против скапи потфати во време кога економијата тоне, а населението осиромашува, како и против дискриминирањето на барањата на изламската заедница на плоштадот да има и џамија, кога веќе решила да гради црква.
Но, Уставниот суд не ги игнорираше иницијативите на невладините организации и пресуди дека се спротивни на Уставот неколку одредби во законот за веронаука, законот за лобирање и т.н. закон за лустрација.

Пристапување во ЕУ, јавните набавки на централната и локалната власт, корупцијата, буџетот, инклузијата на Ромите - тоа се најважните прашања за кои невладините организации спроведуваат редовен и методолошки фундиран мониторинг. Објавувањето на резултатите предизвикува голем интерес во јавноста.    
Вербално искажаната отвореност на владата на премиерот Груевски за соработка со организациите на граѓанското општество беше торпедирана од нетранспарентните измени во два клучни предлог-закони кои беа подготвени од работни групи во кои учествуваа и претставници на невладини организации. Подготвеноста на власта да ретерира од неповолните ограничувачки одредби во законот за заштита од дискриминација и во законот за здруженија на граѓани и фондации ќе биде индикатор за тоа колку актуелната власт има слух за повторуваните јавно изговорени критики од Брисел за неопходноста владата да го слушне мислењето на организациите на граѓанското општество, особено оние кои искажуваат критички ставови за владините политики и практики.

Владимир Милчин
Извршен директор на ФИООМ
Коментари
Додади ново
Напиши коментар
Име:
Email:
 
Website:
Наслов:
 
Please input the anti-spam code that you can read in the image.

3.26 Copyright (C) 2008 Compojoom.com / Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved."

 

Најави


konkurs-pod-pregovori-web-175x125

foom-urgenten-font-baner-1