Граѓани за Европска Македонија

Насловна Вести Промоции на три книги од едицијата „Градот“ во Ресен и Делчево

Промоции на три книги од едицијата „Градот“ во Ресен и Делчево

ResenКнигоиздателството „Темплум“ и здружението „Плоштад слобода“ кон крајот на април 2010 тргнаа на мала турнеја низ Република Македонија со цел да ги промовираат првите три книги од новата едиција „Градот“. Станува збор за книгите: „Неред и гротеска“ (застапени текстови од шеснаесет автори), „Крадат град!“ (осумнаесет автори) и „Архитортура и гробализација“ од Никола Гелевски (собрани колумни чија заедничка одредница е феноменот на градот). Сите три книги се занимаваат со владиниот проект „Скопје 2014“, и тоа го прават мошне критички. ФИООМ, во рамки на потпрограмата „Книги за дебати за отвореното општество“, обезбеди финансиска поддршка за печатење на книгите и ги организира промоциите низ Македонија во соработка со поранешните центри за поддршка на НВО.

Првата од низата промоции се случи на 26 април во Ресен. Промотори на книгите беа Никола Гелевски, уредник на едицијата, Нита Муча (од „Плоштад слобода“) и Жарко Трајаноски (колумнист и активист). Пред околу триесетина посетители во ресенскиот центар за поддршка на НВО, промоторите зборуваа за лошите страни на проектот „Скопје 2014“ (нерационалноста, мегаломанијата, неспособноста на власта да ги постави вистинските приоритети во земјата, занемарувањето на проблемите во внатрешноста итн.). Никола Гелевски ја истакна и единствената позитивна работа што произлезе од „лудачкиот и фараонски“ владин проект: „нè натера да почнеме да мислиме за архитектурата и урбанизмот на сопствените градови“.

delcevoНа 28 април во Делчево, исто така во НВО центарот, се случи и втората промоција, на која зборуваа Никола Гелевски и Нита Муча. Пред дваесетина граѓанки и граѓани од Делчево промоцијата, во вториот дел, се претвори во разговор помеѓу публиката и промоторите. Повеќето луѓе што земаа збор искажаа негативни оценки за владиниот проект „Скопје 2014“, но еден господин, наставник по географија, рече дека проектот е добар зашто ќе ја приближи Македонија до ЕУ, пред сè на начин што и нашиот главен град ќе заличи на европските градови. Нита Муча и Никола Гелевски зборуваа нешто сосема друго: дека проектот со својата анахроност, со наивното разбирање на националниот идентитет, со желбата центарот на Скопје да се претвори во етно-парк - само забрзано нè оддалечува од Европа и нè приближува кон некои деспотии во некои делови од Азија (беше спомнат туркменистанскиот диктатор Нијазов чии мегаломански градби беа споредувани со колосот на Александар Македонски предвиден да биде поставен на главниот скопски плоштад).

Книгоиздателството „Темплум“ во секој од градовите каде што (ќе) се одвиваат промоциите на едицијата „Градот“ подарува мал пакет книги (околу 200 на број), пред сè комплети од списанието Маргина и поголем дел книги од прозната едиција „Магма“.

promocija kicevopokana kratovo







Коментари
Додади ново
Напиши коментар
Име:
Email:
 
Website:
Наслов:
 
Please input the anti-spam code that you can read in the image.

3.26 Copyright (C) 2008 Compojoom.com / Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved."

 

Најави


konkurs-pod-pregovori-web-175x125

foom-urgenten-font-baner-1