Промоциите на трите книги од новата едиција „Градот“ („Неред и гротеска“, „Крадат град!“ и „Архитортура и гробализација“) на 4 и 5 мај продолжија во Кичево и Кратово.Во Кичево, на 4 мај, пред триесетина посетители во тамошниот центар за поддршка на НВО, книгите ги промовираше уредникот на едицијата, Никола Гелевски. Попладнето во Кичево помина мошне интересно, во жив разговор меѓу присутните граѓани и Никола Гелевски, кој зборуваше пред сè како уредник на едицијата, но и во името на ГЕМ („Граѓаните за европска Македонија“) и на „Плоштад слобода“. Во воведниот збор Гелевски ги истакна клучните аргументи, против проектот „Скопје 2014“, посебно ставајќи акцент на националистичката суштина на проектот која може да ги наруши ионака не баш блескавите меѓуетнички односи во државата. Дел од граѓаните, во разговорот што следеше, обрнаа внимание на катастрофалната состојба во која се наоѓа Кичево (70% невработени и една просто апокалиптична економска ситуација која создава длабока резигнација и очај), велејќи дека само трошки од мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ би можеле драматично да ја подобрат состојбата на илјадниците жители на Кичево.
Следниот ден, во Кратово, слична слика: место на промоцијата: центарот за поддршка на НВО (откако Музејот на Кратово во последен момент ја откажа планираната промоција); присутни граѓани: околу 30; и истата руинираност и запуштеност на градот.
Промотори на книгите овојпат беа Никола Гелевски и Анета Спасеска од здружението „Прва Архибригада“. Гелевски зборуваше за потребата од граѓански активизам и граѓански отпор, особено во ситуации кога локалната или централната власт „забегуваат“. И покрај немоќта на луѓето било што да променат во својот град „кој умира“ (како што констатираа некои од кратовските учесници во разговорот), Гелевски посочи дека „единствената точка од која можеме да тргнеме е онаа на којашто токму се наоѓаме“. „Не можеме да чекаме да созреат условите“, рече Гелевски, „за да се помрднеме и макар да пробаме да направиме нешто од сопствените животи и сопствената средина.“Анета Спасеска објасни како меѓу младите архитекти и студенти по архитектура настанала иницијативата „Прва Архибригада“ и сесрдно ја поддржа едицијата и авторите застапени во неа, сметајќи ја за мал светилник во нашата мрачна ситуација.
И во Кратово и Кичево, како дел од оваа мала промотивна турнеја, книгоиздателството „Темплум“, издавач на едицијата „Градот“, подари по околу 200 книги за потребите на библиотеката на НВО центарот и на локалните библиотеки.
Промоциите ги организираше ФИООМ во соработка со поранешните центри за поддршка на НВО; ФИООМ обезбеди и финансиска поддршка за печатење на трите книги.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26






