Во Старата скопска чаршија, на локацијата на поранешна Менада, на 28 мај 2010 година, со присуство на 100-тина членови на ГЕМ, претставници од дипломатскиот кор и други личности од општествено-политичкиот живот во Македонија, свечено се отвори клубот на движењето „Граѓани за Eвропска Македонија“ (ГЕМ).
Иницијаторите на ГЕМ, Владимир Милчин, Бранко Героски, Никола Гелевски, Роберто Беличанец, Мерсел Биљали и Жарко Трајаноски, со поддршка од Фондацијата Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ) го отворија овој клуб со цел да стане место за размена на идеи и ставови, место за дебати и средби и место за промоција на граѓанското движење во Македонија. За идејата за отворање на клубот и неговата функција говореше Бранко Героски, еден од иницијаторите на ГЕМ.
Клубот се отвори со промоција на новото издание на ФИООМ - ЦД албумот I Šutka tani mo than (Шутка моето родно место) од страна на извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин. Албумот е компилација од 14 рап и хип хоп песни напишани и изведени од страна на млади и талентирани Роми од Македонија. Едновремено, беше промовирана и публикацијата со дискусиите од дебатата „Што не знаеше Орвел“, одржана во октомври минатата година, по повод објавувањето на збирката есеи „Што не знаеше Орвел – Пропагандата во новата американска политика“, во издание на ФИООМ.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26






