Власта, преку својата пропаганда, ги стави граѓаните во заблуда и во јавноста создаде впечаток дека е можна понатамошна евроинтеграција без компромис за името, сметаат иницијаторите на „Граѓани за Европска Македонија“ (ГЕМ). По тој повод, на конференцијата за печат одржана на 1-ви јуни 2010 во ГЕМ клубот, најавија низа трибини низ македонските градови, со што би се обиделе на јавноста да и ги предочат реалните позиции на Република Македонија во евроинтегративниот процес.
„Во ред е Македонија да не оди во ЕУ и НАТО доколку е тоа расположение на народот. Но анкетата на „Дневник“ покажа дека всушност луѓето се толку збунети што веќе не ни знаат што сакаат и како тоа да го остварат. Ние ќе се обидеме да поразговараме со нив околу тие работи, односно, повторно од корен да ја иницираме дебатата за евроинтегративните процеси.“ изјави Роберто Беличанец.
Сличен став делеа и останатите учесници на конференцијата. Извршниот директор на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, Владимир Милчин, истакна дека обврска на македонските политичари е да им ја објаснат реалноста на граѓаните, и доколку власта повеќе не е заинтересирана за членство во ЕУ и НАТО, на народот да му ги предочи алтернативите. „Влез во НАТО и ЕУ без компромис не е можен. Јас знам дека тоа е непопуларно и тешко да се каже, но тоа мора да се каже и да се повторува. Прашањето на влез во ЕУ и НАТО не е идеолошко. Тоа прашање се уште има огромна поддршка на повеќе од 80 проценти на граѓаните. Ако е така, тогаш се поставува прашањето: зошто политичките партии кои се залагаат за влез во ЕУ и НАТО не можат да соберат храброст и мудрост и да кажат ова е наш заеднички став? Толку ли се поважни личните интереси од она што е заеднички интерес на 80 отсто од населението? Јас одовде ги повикувам и очекувам дека ќе се огласат и дека ќе му кажат на народот што е тоа што тие се спремни да го направат за Македонија да влезе во ЕУ и НАТО?“ запраша Милчин, додавајќи дека сите политички партии кои се залагаат за европска интеграција на Македонија, ја имаат поддршката на ГЕМ.
Трибините низ Македонија започнуваат на 8 јуни од Струмица. Од ГЕМ очекуваат масовна посетеност и конструктивна дебата од јавноста, бидејќи се наоѓаме во еден од позначајните моменти за евроинтеграцијата на Ребуплика Македонија.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26






