Власта мора да престане со лажниот патриотизам и да постигне компромис со Грција со кој ќе се обезбеди стабилна иднина на државата и на нацијата. Ова е пораката на над 300 учесници на дебатата „Можеме ли во ЕУ и НАТО без компромис“ одржана на 8-ми јуни, во Струмица. Салата во Домот на АРМ, беше претесна да ги собере заинтересираните гости, кои заедно со иницијаторите се согласија дека Македонија веќе предолго оди во погрешен правец, кога станува збор за надворешната политика и евроинтеграциите. Владимир Милчин уште еднаш повтори дека влезот во ЕУ и НАТО не е возможен доколку не се дојде до компромис со Грција. „ И ние сакаме да влеземе во ЕУ без компромис, но за жал не можеме. Потребно е да се направат напори да се дојде до решение кое ќе ја обезбеди иднината на државата а со самото тоа и иднината на нацијата“ изјави Милчин.
За Жарко Трајаноски, периодов е еден од позначајаните бидејќи доколку ја пропуштиме и последната шанса, односно самитот во Брисел закажан за 17-ти јуни, ризикуваме повеќе да не се најдеме на дневен ред, односно да останеме во европската чекалница. Запрашан, за тоа каде е излезот од сето ова, Трајаноски одговори дека излезот е во влезот: „Излезот од транзицијата е во влезот во ЕУ“.
Иницијаторите на ГЕМ бараат од сите проевропски партии во Македонија да ја потпишат Декларација со која се истакнува дека проевропските сили во Македонија се подготвени да го заокружат преговарачкиот процес со ЕУ и се бара од Брисел да упати охрабрувачки пораки кон Македонија, бидејќи е од особено значење да останеме во процесот на евроинтеграциите. Следната трибина на ГЕМ ќе се одржи во Цетарот на културата во Гостивар, на 10 јуни со почеток во 18 часот.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26






