Почитувајќи ја јасно изразената желба на најголемиот број граѓани на Република Македонија нашата земја да стане дел на Европската Унија и на НАТО,
Свесни дека во изминатите две години, и покрај неколкугодишниот напредок во реформите, особено пред и по добивањето на статусот на држава кандидат за членка на Европската Унија, Македонија не ги исполни во целост очекувањата на своите европски партнери и пријатели,
Разбирајќи ја неопходноста да биде отстранета најголемата пречка во процесот на пристапување на Македонија во НАТО и во Европската Унија, долгодишниот спор за името со Република Грција,
Цврсто определени низ соработка да ја реафирмираме евроатлантската агенда, но и да ги унапредиме безбедноста, стабилноста, меѓуетничките односи и економијата на земјата,
Во пресрет на јунскиот Совет на ЕУ, ние, долупотпишаните, на 11 јуни 2010 година во Скопје, ја усвоивме следната
1. Внатрешната интеграција на Република Македонија е нераскинливо поврзана со нејзината интеграција во Европската Унија и НАТО зашто нашата држава ги споделува цивилизациските вредности втемелени во евроатланските интеграции;
2. Ние нема да прифатиме проблемите со кои се соочуваме на патот на остварувањето на нашата стратегиска цел, а кои произлегоа од ирационалниот спор што нема основа во реалните односи меѓу Република Македонија и Република Грција и меѓу двата соседни народа, да бидат изговор нашата земја да го напушти евроинтеграцискиот процес;
3. Недвосмислено ја објавуваме нашата подготвеност и посветеност спорот со Грција за името, со кое треба да се замени привремената референца „поранешната југословенска република Македонија“ и со кое нема да се оспорат или загрозат атрибутите на етничкиот идентитет на мнозинскотото население во нашата земја, да го решиме, како одговорни политичари, со интензивни, проактивни и плодни преговори;
4. Заради остварувањето на овие цели, сметаме дека е неопходно во Република Македонија да се поведе широка јавна дебата чија цел ќе биде да се охрабрат проевропските сили и да се застане на патот на стигматизацијата на европската идеја поради тензичниот спор со Република Грција и емоциите што тој ги предизвикува;
5. Ние сметаме дека одговорните политичари не смеат да ги избегнуваат обврските на лидерството и подготвени сме во таа насока да го дадеме својот придонес;
6. Ги повикуваме Европската Унија, САД, Република Грција и сите наши европски пријатели, на претстојниот Совет на ЕУ во Брисел, поттикнати од оваа декларација, да ги препознаат потенцијалите на проевропските сили во нашата земја и да донесат одлука со која ќе ги охрабрат граѓаните на Република Македонија и силно ќе ги поддржат нивните надежи за европските перспективи на нашата татковина.
Скопје, 11 јуни 2010 година
Преземете ја Декларацијата на албански
Преземете ја Декларацијата на босански
Преземете ја Декларацијата на ромски
Преземете ја Декларацијата на српски
Преземете ја Декларацијата на турски
Преземете ја Декларацијата на влашки
Листа на НВО кои ја поддржуваат Декларацијата
| Коментари |
|






