Почитувани граѓани,
Ние, иницијаторите на „Граѓаните за европска Македонија“, ја известуваме јавноста дека одлучивме да го поддржиме протестот што ќе се одржи в недела на 27 јуни, со почеток во 20.00 часот, пред Владата на Република Македонија. Нашата поддршка значи наше учество на митингот и повик до членовите и симпатизерите на ГЕМ да го сторат истото: со своето присуство да го поддржат окрупнувањето на еден силен опозициски фронт против актуелната власт; тој фронт не треба да биде составен само од партии, зашто политиката не е монопол на партиите; тој фронт пред сè е потребен зашто актуелната власт сериозно ја доведува под прашање иднината на целата земја.
Нашата татковина веќе цели четири години опасно се оддалечува од патот што води кон Европската Унија и кон НАТО. Актуелната власт, иако има апсолутно мнозинство во парламентот, а со тоа и најголема одговорност и обврска да ги оствари нашите стремежи да станеме дел од европското семејство, води антиевропска политика и ги поттикнува евроскептицизмот и илузијата дека Република Македонија има друга алтернатива освен ЕУ и НАТО.
Да биде несреќата уште поголема, оваа авантуристичка политика, со која се подрива и внатрешната кохезија на нашето мултиетничко опшество, на народот му се продава како „патриотизам“. За таа цел, власта води систематска хајка против проевропските сили во Македонија, стигматизирајќи ги како „предавници“. Во таа валкана пропаганда се ангажирани парановинари во корумпирани медиуми, додека слободата на јавниот збор се задушува со говор на омраза, со закани и со монтирани судски процеси против политичките неистомисленици.
Ние, иницијаторите на „Граѓаните за европска Македонија“, сметаме дека веќе не смее и не може да се молчи. Резултатот на погубната политика на власта е евидентен - Македонија тоне во криза, невработеност и духовна беда. Сè повеќе народни пари, на оваа сиромаштија, наместо да им се вратат на даночните обврзници во облик на капитални инвестиции, подобро здравство, поквалитетно школство и други јавни добра, се трошат за мегаломански и непродуктивни проекти, за барокни зданија и споменици, за јакнење на тајната полиција, за вработување партиски војници, за пропагандни кампањи и за градење на култот на личноста на Никола Груевски.
Сметаме дека противставувањето на таквата власт не е прашање на дневнополитичко маневрирање туку избор на здравиот разум, честа и принципиелната грижа за нашата иднина. Затоа протестот на 27 јуни го доживуваме како уште една можност да се сплотат силите против лажниот патриотизам и против политиката што ги загрозува слободата, демократијата и европските перспективи на нашата татковина. Не сакаме спокојно и во папучи да гледаме како власта го манипулира народот и сее страв, предизборна апатија и ескапизам - тоа од нас би било лицемерно и нечесно.
Ја очекуваме поддршката од членовите и симпатизерите на „Граѓаните за европска Македонија“, уверени дека нашиот глас против мракобесието и обидите да нè поделат и да нè разнебитат е нашата најпатриотска задача денес.
Со почит,
Роберто Беличанец, Мерсел Биљали, Никола Гелевски, Бранко Героски, Владимир Милчин, Жарко Трајановски
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26






