Граѓани за Европска Македонија

Насловна Вести Говор на Жарко Трајаноски на митингот на опозицијата

Говор на Жарко Трајаноски на митингот на опозицијата

Добровечер храбри и горди граѓанки и граѓани на Македонија,
Добровечер Граѓани на Европска Македонија,

Над 50 здруженија и 16 политички партии застанаа зад Декларацијата за Македонија во ЕУ и НАТО која ние ја инициравме. Владејачките партии не ја потпишаа декларацијата. Груевски јавно излажа дека не добил покана. Зар тие што водеа кампања за Македонија како „земја на информатичари“ не знаат да си ги отворат електронските сандачиња?

Лани и годинава, ГЕМ оддржа триесетина трибини ширум Македонија. Неколку илјади граѓани ја споделија нашата загриженост за европската перспектива која е загрозена од антиевропските политики на власта. Ние, иницијаторите на ГЕМ, сметавме дека веќе не смее да се молчи. Не сакавме спокојно и во папучи да гледаме како власта го манипулира народот. Не сакавме повеќе да гледаме како груевистите шират страв, малодушност и теории на заговор против нашите пријатели од ЕУ и НАТО.

VA1_2120Почитувани сограѓани, се приклучуваме кон отпорот кон власта зашто сметаме дека политиката не е монопол на партиите. Ако политиката толку жестоко се меша во нашите животи, зарем не е ред и ние, граѓаните, да се замешаме во политиката на свој начин!? Затоа решивме да влеземе во широкиот анти-груевистички фронт.
Се вклучивме во фронтот против лажните патриоти и лажните европејци кои со својата неразумна политика нè избришаа од агендата на ЕУ и НАТО. Го креваме гласот против мракобесието на неодговорната власт. Протестираме против обидите да нè поделат по сите основи. Протестираме против загрозувањето на нашата европска иднина и иднината на нашата земја.

Почитувани сограѓани! Четири години, откако Груевски дојде на власт, над Македонија заоѓа сонцето на слободата. Четири години, Македонија тоне во политичка и економска криза, невработеност и духовна беда. Најголем дел од луѓето мака мачат да ги платат основните сметки. Да врзат крај со крај. А груевистите собираат арач и глоби дури и за најситни прекршоци.

А на што ги трошат нашите народни пари? Ги трошат за мегаломански и непродуктивни проекти: - за шупливи чаталџиски згради и споменици; - за јакнење на тајната полиција на „големиот братучед“; - за вработување на партиски војници; - за скапи пропагандни кампањи кои се обидуваат да изградат култ на личноста на Никола Груевски. Додека ги кријат сметките како змија нозете, сè повеќе граѓани отворено прашуваат: Колку од стотиците милиони евра завршија во џебовите на фамилијата?

Почитувани сограѓани! Крајно време е да го кренеме својот глас против лажните патриоти. Лажните патриоти градат лажна историја, а си ги полнат џебовите со вистински пари. Крајно време е да ги разобличиме лажните борци за името и идентитетот. Пред четири години никој не го попречуваше нашиот прием во НАТО и ЕУ поради нерешениот билатерален спор со Грција. Неразумната политика на Груевски нè доведе до тоа дереџе - итно да мора да го решиме спорот, ако сакаме во НАТО и ЕУ. Потсетуваме уште еднаш: ГЕМ не е за компромис кој ќе го компромитира идентитетот на етничките Македонци. Како што го компромитираше Груевски кога се согласи да се слика како премиер на FYROM.

Да биде несреќата уште поголема, со авантуристичката политика на Груевски се подрива и внатрешната кохезија на нашето мултиетничко општество. Смешно е и жално е што таа неодговорна авантуристичка политика на народот му се продава како „патриотизам“. Власта води систематска хајка против проевропските сили стигматизирајќи ги како „предавници“. Во валканата пропаганда се ангажирани квазиновинари во корумпирани медиуми. Слободата на говорот се задушува со отровот на омразата, со закани и со монтирани судски процеси против политичките неистомисленици.

Почитувани сограѓани! Време е над Македонија да престане да заоѓа сонцето на слободата. Време е да му се противставиме на тоталитарниот режим кој сее страв, закани и говор на омраза. Тоа е режим кој поттикнува јавен линч. Тоа е режим кој дозволи тепање на студенти, малтретирање на ограбените млекари, на стечајци и на просветни работници.

Време е пак да се роди ново сонце за силно да светне денот кога Македонија ќе стане членка на НАТО и ЕУ. Време е да се победат политичарите кои прогласуваа победи само кога Македонија катастрофално губеше. Време е Македонија да се избори за достоинствен компромис.
Почитувани сограѓани, без внатрешна интеграција нема интеграција во ЕУ и НАТО!

Грујо го даваме, Македонија не ја даваме!

Да живее Европска Македонија!

Да живее антигруевистичкиот фронт за Европска Македонија!
Коментари
Додади ново
Напиши коментар
Име:
Email:
 
Website:
Наслов:
 
Please input the anti-spam code that you can read in the image.

3.26 Copyright (C) 2008 Compojoom.com / Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved."

 

Најави


konkurs-pod-pregovori-web-175x125

foom-urgenten-font-baner-1