Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ), Младинскиот образовен форум (МОФ) и Здружението „Регионален центар за одржлив развој“ (РЦОР) – Кратово на 31 мај 2011 година во центарот на Крива Паланка организираа целодневен настан, насловен како „Гласам“, на кој ги повикаа граѓаните масовно да излезат и да гласаат на претстојните вонредни Парламентарни избори. „Со оваа кампања сакаме да ги поттикнеме сите полнолетни граѓани да излезат на гласање на 5-ти јуни и да покажат дека се заинтересирани за општествените случувања. Со самиот чин на гласање се покажува важноста на секој поединечен глас. Дополнително, со излегувањето на гласање во голема мера се намалуваат можностите за изборни нерегуларности. Во време кога институциите на државата многу малку или воопшто не ги потсетија граѓаните за демократското право на избор се надевам дека токму ваквите интерактивни настани ќе ги поттикнат граѓаните на Крива Паланка и во целата држава да излезат на гласање и да го остварат своето демократско право. Важноста на гласањето се гледа и од големиот број на сондажи во кој процентот на граѓани кои не сакаат да излезат на гласање е навистина голем. Сакам да потенцирам дека со не излегување на избори не ги казнуваме оние од кои што не сме задоволни, без разлика дали се позиција или опозиција. Со не излегување на избори се казнуваме самите себе си, ги казнуваме најблиските, ги казнуваме сегашните и идни генерации“ – изјави Борјанчо Мицевски од РЦОР.
Во рамки на настанот се одвиваа и две интерактивни игри во кои се вклучија граѓаните. Првата интерактивна игра ги повика граѓаните од големи стиропорни букви да состават една од пораките на кампањата: „Гласам ! Избори се ! Не молчи!“. Втората интерактивна игра ги повика граѓаните со голема “Гласам” топка да ги срушат столбовите на кои беа испишани негативни пораки кои асоцираат на злоупотреба на изборите: фалсификат, измама, полнење кутии, местенки, бугарски воз, вреќа брашно и други. Промотивните материјали од кампањата (брошури, беџеви, маици и налепници) на 30 и 31 мај беа дистрибуирани и во Кратово, Кичево, Дебар и Струмица, со цел да ги потсетат граѓаните на демократското право и морална обврска да гласаат на денот на изборите, а со тоа директно да ја унапредат демократијата во Македонија и да ја намалат можноста за изборни нерегуларности.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26




