Пред изборниот молк, Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Младинскиот образовен форум (МОФ) ги објавија резултатите и статистиките од кампањата “Гласам”, која ги мотивира граѓаните да излезат, да гласаат и да одлучуваат на предвремените Парламентарни избори на 5-ти јуни.Граѓаните се свесни за вредноста на сопствениот глас, а огромен е бројот на оние кои се заинтересирани да гласаат и директно да учествуваат во унапредувањето на демократијата во Македонија.
Настаните во 10-тина градови во Македонија и интернет акцијата “Гласам” обезбедија директна комуникација и интеракција со повеќе од 30.000 граѓани.
Импресивни се бројките од интересот на фејсбук корисниците, кои во најголем број се анимираа околу конкурсот за најдобар постер и видеоклип на тема “Зошто гласам?”.
За само триесетина дена, повеќе од 20.000 интернет корисници се приклучиле на фејсбук страницата “Гласам” (http://facebook.com/glasam) или ја посетиле веб страната www.glasam.org. Содржините од страниците биле видени речиси 2 милиони пати, а граѓаните оствариле повеќе од 50.000 директни интеракции, поддршки или коментари. Видеоклиповите кои повикуваат на излезност, креирани од интернет заедницата, биле прегледани 15.000 пати.
Гласањето на избори подразбира директно учество на граѓаните во унапредување на демократијата во Македонија и оневозможување на изборни нерегуларности. Уставот на Република Македонија е гарант дека никој нема право да знае за кого граѓаните гласале, ниту пак тие имаат обврска да го соопштат изборот што го направиле.
Кампањата “Гласам” ги повикува граѓаните да го искористат основното демократско право да гласаат и да се спротистават на апатијата и стравот. Преку гласањето граѓаните ќе ги задолжат политичарите на одговорност, но ќе се задолжат и себеси будно да ги следат постапките на идните власти и да бидат нивни коректори.
Кампањата “Гласам” завршува пред стапувањето на изборниот молк, со завршен настан кај Фонтаната во Градскиот парк во Скопје на 3-ти јуни во 18:00 часот. Преку едукативни и интерактивни содржини и преку презентација на најдобрите постери и видеоклипови на тема “Зошто гласам?”, кампањата уште еднаш ќе ги повика граѓаните на 5-ти јуни да излезат и да гласаат за својата и за европската иднина на Македонија.Кампањата “Гласам” ја поддржаа 31 невладина организација.
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26




