На тркалезната маса, на која присуствуваа граѓани сведоци, активисти и правници генералниот заклучок беше дека во настаните со апсењето на Љубе Бошкоски и убиството на Мартин Нешковски, полицијата сериозно потфрлила во професионалното однесување, а преку одредени медиуми се обидела да врши притисок врз судот, но и да ги релативизира фактите. Од друга страна, беа поздравени протестите кои се насочени против полициската бруталност.Дебатата започна со обраќање на Осман Кадриу, претседателот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој истакна дека начинот на кој беше приведен Бошкоски е доста индикативен и симптоматичен и дека со таквиот начин на апсење се прекршува претпоставката на невиност, но и изборниот процес кој во моментот на апсењето се уште траеше.
Со сличен став беше и Маргарита Цаца Николовска, судија во Уставниот суд на БИХ, според која апсењето на Бошкоски е своевиден притисок врз судот. Николовска упати замерки кон МВР за водење на постапката за случајот Нешковски, особено во делот на спротивставени изјави на министерката и помошник министерот за односи со јавноста.
Во продолжение на дебатата следеа сведоштва на Виолета Бошкоска, сопругата на Љубе Бошкоски, и идниот пратеник од редовите на СДСМ, Голуб Ангелов, кои преку своите искази се обидоа автентично да го пренесат интезитетот и големината на заканите кои им биле упатени. Понатаму следеа излагања на двајца од учесниците на протестот, кои ги објаснуваа своите ставови и погледи на спонтаните и масовни протести против полициската бруталност и нивното влијание врз работата на институциите. Според нив протестите имаат цел да се спречи постојаното одбегнување одговорност на МВР и префрлање на вината. Новинарката Мирослава Симоновска укажа на селективното пренесување на вестите од страна на медиумите. За Џабир Дерала пак, постои континуирано насилство од страна на државата и тоа е крајно загрижувачко бидејќи се случува во 21 век. Според зборовите на Дерала, доколку состојбава ја споредиме со останатите земји, тогаш работите се пострашни отколку што изгледаат.
Во завршниот дел на дебатата се вклучија и останатите гости на тркалезната маса, а генералниот заклучок е дека мора да се спречи злоупотребата на институциите од страна на власта и пречекорувањето на овластувањата на припадниците на МВР .
| Коментари |
|
Powered by !JoomlaComment 3.26




